Околу 10 милиони евра годишно се очекува да се слејат во државниот буџет одказните изречени преку системот„Безбеден град“. Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, станува збор за првични проценки.
„Вкупниот прилив којшто се очекува годишно да биде во рамки на државниот буџет е некаде отприлика околу десет милиони евра. Ова не се точно утврдени бројки, бидејќи не е завршена годината“, изјави Тошковски.
Според него, 25 проценти од овие средства, односно околу 2,5 милиони евра, ќе бидат наменети за Министерството за внатрешни работи и повторно ќе се инвестираат во развојот и унапредувањето на системот. Министерот е дециден дека примарната цел на проектот не е полнење на државниот буџет, туку зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на жртви.
„Целта на овој проект не е полнење на буџетот на државата“, рече Тошковски.
Меѓу казнетите преку системот имало функционери, министри, директори и црковни лица. И покрај поранешни обиди за ургенции, Тошковски вели дека во последната година и половина немало барања за интервенции во постапките.
МВР најавува мобилни камери и проширување на системот
Министерот потсети дека во изминатите 15 години во сообраќајни несреќи загинале повеќе од 2.000 лица и најави нови мерки за подобрување на безбедноста.
Министерството за внатрешни работи планира да го прошири проектот „Безбеден град“ со мобилни камери за контрола на брзината, како и со опрема поставена во полициските возила која ќе може да регистрира сообраќајни прекршоци и додека возилата се движат.
Според Тошковски, анализите покажале дека камерите поставени само на однапред утврдени локации немаат доволен превентивен ефект. Намерата е возачите да бидат свесни дека прекршоците можат да бидат евидентирани без оглед на тоа каде се движат.
Планирано е дел од полициските возила да бидат опремени со камери за мерење брзина во движење, а ќе се набават и мобилни камери кои ќе се поставуваат на таканаречените црни точки, каде што најчесто се случуваат тешки сообраќајни несреќи.
Тошковски соопшти дека системот „Безбеден град“ во првата недела од декември треба да почне да функционира и на подрачјето на СВР Струмица. Следно е СВР Штип, каде што активностите треба да завршат до крајот на годината, а потоа и СВР Битола. Според најавите, до февруари системот треба да биде воведен на територијата на цела Северна Македонија.
DW




