Затрупан е тунелот преку кој се планирало бегство од најголемиот затвор во Македонија. Откако службите извршиле увид, бидејќи се работи за безбедносен ризик, местото е прекопано, а на 22 март е ставен и тампон за да може да продолжи да си биде шеталиште, информираат од Управата за извршување санкции за Радио Слободна Европа.
Најмалку осум затвореници осудени на тешки затворски казни со месеци копале тунел за да избегаат од затворот Идризово, кој се наоѓа на околу 19 километри од центарот на главниот град на Македонија, Скопје.
Според деталите што ги соопшти полицијата, тунелот бил долг околу 40 метри со дијаметар од 80 сантиметри, доволно за да може низ него да се ползи. Се наоѓа на длабочина од 1 метар и бил попречен со тули и гредички за да не паѓа земјата.
Според посочените детали, затворениците ископале околу 20 кубни метри земја, што практично значи дека можело да се наполнат 10 тракторски приколки. Ископаниот тунел е во должина од 40 метри или е долг колку три и пол обични автобуси, кои во просек имаат по 12 метри.
Ископаната земја се носела во контејнери за ѓубре кои се наоѓале зад објектот за јаглен, а можно е и да се распоредувала некаде низ дворот, посочуваат од Управата за извршување санкции
Тунелот преку кој се планирало бегството се наоѓал во близина на објект во кој се одлагал јаглен, а завршувал до заштитната ограда преку која се наоѓа женското одделение во затворот. Во тунелот биле пронајдени пластични корпи врзани со јажиња со кои се извлекувала ископаната земја и електричен кабел со сијалица за осветлување. Тулите и гредичките ги земале од старите објекти во кругот на затворот кои сега се расчистени.