ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПЕЦАКОВ ДЕЛ ОД ЧЕСТВУВАЊА ПОСВЕТЕНИ НА Д-Р АНАСТАС КОЦАРЕВ ВО ПАРИЗ

Градоначалникот Кирил Пецаков присуствуваше на чествувањата посветени на светски познатиот научник, по потекло од Охрид, д-р Анастас Коцарев, кои се одржаа минатиот викенд во Париз, Франција. Настаните се организираа по повод 133 години од неговото раѓање и 92 години од неговата прерана смрт.

Градоначалникот Кирил Пецаков заедно со градоначалникот на париската општина Бонди, Стефен Ерве положија заеднички венец на гробот на д-р Коцарев во знак на заедничка почит кон научникот и гест на поврзување и соработка во иднина.

Градоначалникот Пецаков во своето обраќање пред присутните истакна дека му претставува огромна што е првиот градоначалник на Охрид, кој лично оддава почит на овој истакнат охриѓанец и врвен научник.

– Среќни сме што нашата историска ризница која има непроценлива вредност за светот, ќе биде збогатена со уште една уникатна приказна, за човек кој се родил во нашиот град и кој оставил бесценето наследство за човештвото. Со ликот и делото на д-р Коцарев, Охрид ја комплетира својата биографија како место од кое потекнуваат голем број истакнати великани, кои оставиле значаен печат низ неговото милениумско постоењеОпштина Охрид веќе отпочна низа подготовки и активности со цел името на д-р Коцарев да го добие своето заслужено место во мозаикот на непроценливи вредности, кои внамателно ги чуваме и почитувамеистакна Пецаков во своето обраќање.

Тој најави дека Општина Охрид ќе поведе иницијатива за соодветно обележување на родната куќа на д-р Коцарев во Охрид, која подоцна би прераснала во музеј, а планирано е да биде спроведена и постапка за именување на улица и медицинска установа со неговото име.

Градоначалникот на Бонди, Стефен Ерве ги поздрави иницијативите во насока на поголемо партнерство меѓу двете општини и најави возвратна посета на Охрид со цел да го види градот на УНЕСКО во кој се родил д-р Анастас Коцарев.

На форумот „Одблесоци. Д-р Анастас Коцарев. Еден век потоа“ кој се одржа во црквата „Св.Кирил и Методиј“ и на која беа присутни претствници од македонската заедница во Франција, градоначалникот Пецаков истакна:

– Ние денес, како национални држави имаме свои национални херои и свои национални лидери, но „граѓаните на светот“ се планетарни битија кои дале придонес за општото добро на сите народи и нации. Тоа „светско граѓанство“ можеме да му го припишеме и на д-р Анастас Коцарев имајќи ја во предвид неговата пожртвуваност и работа во делот на медицината.

 Д-р Коцарев за нас Македонците ја положи Хипократовата заклетва многу порано од современиот текст кој го познаваме денес. На ист начин тој постапуваше и со македонското прашање и борбата на македонскиот народ за независност. Тој со сите свои сили ја бранеше честа и достоинството на својот народ во мигот кога се кроеше судбината и новите политички граници на Париската мировна конференција и остана доследен на стремежот за македонска држава– рече меѓудругото Пецаков.

Д-р Анастас Коцарев е роден во Охрид, на 26. март 1890 во старо и угледно охридско семејство Коцареви. Основно образование завршил во Охрид, гимназија во Солун и медицински факултет во Женева каде докторирал и останал да работи на Женевскиот универзитет како асистент, потоа како лекар и приватен доцент по онкологија на универзитетската клиника. Во 1928 година со својата вереница Сесил Пинел се населил во Париз каде ненадејно починал на 28. март 1931 година. Д-р Коцарев со својата научна работа бил посветен на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум. Бил еден од пионерите на радиотерапијата и радиографијата и првиот научник во светот кој направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од канцер (рак). Покрај неговата професионална преокупација – медицината, д-р Коцарев во текот на Првата светска војна, а и по неа, развил жива политичка активност во Швајцарија и се залагал „за единствена и независна држава Македонија“.