‎СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА ПО ПОВОД 82 ГОДИНИ СЛОБОДЕН ОХРИД

Вчеравечер, во Центарот за култура „Григор Прличев“, се одржа свечена академија по повод 7 Ноември – Денот на ослободувањето на Охрид, со која беше одбележана 82-годишнината од слободата на градот.

‎На присутните им се обрати градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

‎– Во предвечерието на еден од најзначајните датуми во историјата на Охрид, со особена чест и длабока почит, се поклонуваме пред храброста, пожртвуваноста и непокорот на сите оние кои се бореа за слободата на нашиот град.
‎Пред 82 години, на 7-ми Ноември, охриѓани повторно ја добија можноста да живеат слободно, а со тоа се роди и надежта за подобра и посветла иднина.
‎Зад оваа голема историска победа стојат човечки судбини кои не смееме да ги заборавиме. Стојат имињата на борците кои го положија највредното што го имаа, сопствениот живот. Нивната борба не била борба за лична слава, туку борба за татковината и достоинството.
‎Затоа, денес, со особена благодарност, им оддаваме почит на сите учесници во Народноослободителната борба, на сите херои и на сите оние кои со својата пожртвуваност ја испишаа светлата страница на нашата историја. Нивното дело е наш аманет, а нивната жртва наша трајна обврска.
‎Почитувани,
‎Слободата се чува со мудрост, одговорност и единство. Затоа, 7-ми Ноември не треба да биде само ден на сеќавање, туку и ден за преиспитување на нашата одговорност кон градот, кон државата и кон идните генерации.
‎Нашата љубов кон Охрид не смее да се мери само со зборови и емоции. Таа мора да се потврдува со дела. Со грижата за неговото културно и природно богатство, со создавање на подобри услови за живот и со одговорно управување со сите ресурси што ни се доверени.
‎Драги сограѓани,
‎Верувам дека со заедништво, работа и искрена посветеност можеме да оставиме вредни дела. Нашата визија е Охрид да биде град на можности, напредок и просперитет, град во кој младите ќе гледаат својата иднина, а секоја генерација ќе има причина да остане, да создава и да придонесува за неговиот развој.
‎Нека ни е честит 7-ми Ноември, нека им е вечна слава на хероите, нека е вечен нашиот Охрид и нека е вечна Македонија., истакна Пецаков во своето обраќање.

‎Во рамки на свечената академија беше изведен и музичко-сценскиот перформанс „Охрид е песна“, во кој учествуваа Андријана Билаловиќ-Тодороска, писателката Марина Димоска и учениците од ООУ „Братство – Единство“.

‎На сцената настапи и Охридскиот камерен оркестар, во состав: проф. Љупчо Аслимоски, проф. Кирил Белистојаноски, Јовица Каралиевски, Јане Тодороски, Виктор Србиноски, проф. Златко Петрушевски, Ѓоко Алоски и Горан Андреевски. Како вокални солисти настапија Милован Секуловски, Фросина и Деспина Белистојаноски, Стефани Дудук, Ѓоко Чеменкоски и Кирил Белистојаноски.

‎Во текот на вчерашниот ден, во спортската сала „Билјанини Извори“, се одржа и свечена приредба организирана од ЈОГДУ „Јасна Ристеска“. Во име на локалната самоуправа, на присутните им се обрати претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

‎Исто така во рамки на празничната програма се одржа и презентација на проектот „Охридска боенка“ од Ана Никодиноска Митровиќ, беше промовирана стихозбирката „Шепотот на езерото“ од Стефанија Бакулеска, а во Младински центар беше промовирана самостојната изложба „Охрид во моето срце низ очите на татко и син“ од фотографот Петар Паунче- Скитник.