ЗАПОЧНАА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ОВОГОДИНЕШНОТО ИЗДАНИЕ НА ОХРИДСКИОТ ПЛИВАЧКИ МАРАТОН

Општина Охрид навремено ги започна подготвителните активности за организација на овогодинешното издание на Охридскиот пливачки маратон.

За таа цел денеска се одржа состанок со претставници на Националната пливачка федерација на кој се разговараше за дел од потребните технички и логистички услови за целокупната организација на оваа значајна спортска манифестација за Охрид и Република Македонија.

По иницијатива на Општина Охрид, Охридскиот пливачки маратон е ставен под закрила на Европската пливачка федерација и ќе се одржува во рамки на Отвореното првенство на LEN. Со тоа се враќа препознатливиот сјај на маратонот, како атрактивен настан кој е интересен за професионалните напреварувачи и врвните пливачки имиња.

На денешниот состанок беше истакнато дека во рамки на овогодинешното издание, кое ќе се одржи на 26.08.2023 година на патеката „Климе Савин“, во водите на Охридското Езеро, се очекува да учествуваат околу 30 пливачи. На состанокот беше најавено дека овогодинешното издание ќе биде збогатено со многу новитети, кои ќе бидат значајни и за учесниците и за публиката. За сите детали околу годинешната организација, јавноста ќе биде тековно информирана.

По долгогодишните проблеми, предизвикани од претходните организатори, кои го доведоа до прашање опстојувањето на Охридскиот пливачки маратон, минатата година Општина Охрид ја презеде организацијата на овој препознатлив спортски настан. За организација на манифестацијата, беа издвоени 2 милиони денари од општинскиот буџет и беа обезбедени сите услови за успешно маратонско издание.