Денеска ми беше огромно задоволство што како градоначалник на Општина Охрид, но пред сѐ како доктор присуствував на ,,Првата Академија за здравство”.
Пред присутните доктори и здравствени работници изразив надеж дека организирањето на ,,Академијата за здравство” ќе прерасне во една убава традиција и од година во година ќе се надградува и ќе станува сѐ побројна.
Чувството да се биде меѓу сите овие еминентни докторски имиња е повеќе од пријатно затоа што има да ги пренесат нивните достигнувања во сферата во која работат, а со тоа ќе дадат придонес за понатамошно напредување на областа.
Изминатите неколку години беа вистински предизвик за сите, но особено за здравствените работници. Борбата со непознатото, нѐ научи дека токму преку ваквите собири здравствената фела се кали, надоградува и подготвува за успешен излезен од било која несакана состојба, без разлика дали станува збор за кризна ситуација или пак за комплексен медицински случај.
Споделувањето на најновите достигнувања, претставува дополнителен поттик кај секој да го продолжи патот онаму каде што застанал претходникот. И така работејќи во низа, се доаѓа до најновите откритија кои не само што ни ја олеснуваат работата, туку имаат голем бенефит врз луѓето.
Сакам да се заблагодарам на секој еден здравствен работник, без разлика во кој дел од хиерархијата е, за придонесот што го дадоа и даваат во борбата за подобрувањето на здравјето кај луѓето.
Инфо и Фото : Фб Градоначалник Кирил Пецаков