Пецаков за DW: Конфискација, но и уривање на објекти во Охрид

Предлогот за конфискација за дивоградби, место нивно уривање со внимание се следи во Охридскиот регион, кој е под лупа на УНЕСКО и има обврска што поскоро да го реши овој горлив проблем. Додека за градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, ваквата идеја е прифатлива за одредени делови на градот, но не и за крајбрежјето, првиот човек на Струга, Рамиз Мерко смета дека конфискацијата нема да ги реши наталожените проблеми во регионот, Објави DW.

„Предлогот за конфискација ми асоцира на конфискацијата на автомобили – институциите им ги одземаат на сопствениците, па потоа ги продаваат. Така и ова – треба да им се одземат домовите и објектите на некои што ги граделе за државата да ќари и да ги продаде“, вели Мерко за ДВ. Според него, подобро е да се казнат оние што граделе на диво, отколку да им се земе и да се стави на „лицитација“ нивниот имот.

Идејата ја иницираше градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој откако минатата недела ги презентираше своите замисли пред Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), побара поддршка и од ресорните министри за транспорт и врски и за правда Благој Бочварски и Кренар Лога. Министерот за правда се изјасни дека ја поддржува иницијативата на Општина Центар за изнаоѓање законско решение со кое би се конфискувале дивоградбите.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков за ДВ вели дека ситуацијата покрај Охридското крајбрежје е поинаква, поради што е потребен и поразличен пристап. Дали ќе се конфискува или ќе се урива зависи од појасот каде што се наоѓаат спорните објекти.

„Кај нас има појас на кој сепак ќе мора да има уривање на објекти. Во останатиот дел на градот немам ништо против да се конфискуваат објекти место да се уриваат“, вели првиот човек на Охрид.

Проблемот со дивоградбите е едно од посериозните прашања коишто можат да го загрозат статусот во УНЕСКО. За конечно решавање на проблемот со дивото градење веројатно ќе бидат потребни повеќе години и повеќе средства, ако се има предвид дека повеќето процеси тапкаат во место. Покрај тоа што имаат недостиг на средства, општините не ја исполнуваат и обврската да направат детален инвентар на дивоградби. Ова е една од препораките, со кои се бара и да се отстранат сите нелегални градби, особено оние во рамки на Националниот парк Галичица.

 

Текстот во целост на: DW.