СО ТУРНИР ВО БАСКЕТ СЕ ОДБЕЛЕЖА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ

Со организирање на Завршниот турнир во баскет за основните училишта, денеска на спортските терени во ООУ „Св.Климент Охридски“ беше одбележан Светскиот ден на физичката активност во Охрид.

Турнирот е во рамки на Училишните спортски лиги и го организираше Сојузот на училишен спорт во соработка со Одделението за спорт и млади при Општина Охрид.

Пред почетокот на финалните натпревари во машка и женска категорија, пред присутните се обрати градоначалникот Кирил Пецаков.

– Како голем поддржувач на спортот, особено сум среќен што можам да бидам дел од вакви настани, преку кои се испраќа силна порака за афирмација на спортските дисциплини и промоција на здравите животни навики.

Светскиот ден на физичката активност, кој го одбележуваме денеска е една убава прилика уште еднаш да им посочиме на младите генерации дека физичката активност е клучна за правилен раст и развој и има значителен придонес во градењето на позитивни вредности лидерски вештини.

Затоа од исклучителна важност е од најмала возраст на децата да им овозможиме услови да спортуваат и да се натпреваруваат. Се радувам што како Локалната самоуправа сме особено посветени во оваа насока и вложуваме значителни средства за унапредување на спортот и поддршка на спортските клубови.

Исто така, од минатата година во соработка со Сојузот за училишен спорт од Охрид ги возобновивме Училишни спортски лиги во повеќе спортови, во кои се опфатени учениците од сите училишта на територија на нашата општина.

Издвојуваме значителни средства и за Проектот за ангажирање на тандем наставници по физичко и здравствено образование за петто одделение, кои не се опфатени со Законот за основно образование и за кои не беше предвиден посебен наставен кадар за часовите по физичко.

Основниот предуслов за спроведување на активности од областа на спортот, физичкото воспитување и рекреацијата во Охрид е постоењето на доволен број спортски капацитети. Токму поради тоа, нашата цел е постојано да вложуваме во модернизација на спортските објекти, кои се главен ресурс за функционирањето на постоечките спортски клубови и важен сегмент за развој на спортскиот туризам. Веќе инвестиравме во реконструкцијата и опремувањето на три мултифункционални игралишта, а во текот на наредниот период планираме да продолжиме со низа инвестиции во спортската инфраструктура.

Оваа можност сакам да ја искористам и да им се заблагодарам на сите ученици и наставници кои беа дел од училишните тимови на овој Баскет турнир и да упатам срдечни честитки до најдобрите. Искрено верувам дека токму од овие генерации млади кошаркари ќе произлезат врвни таленти, кои во иднина ќе бидат достојни промотори на Охридската кошарка во нашата земја и во странство, истакна Пецаков.

За најдобра баскет екипа во женска категорија од 8-мо одделение беше прогласена екипата на ООУ „Св. Климент Охридски“ која во финалниот натпревар ја совлада екипата на ООУ „Живко Чинго“. Во финалниот натпревар во женска категорија помеѓу екипите од 9-то одделние победи екипата на ООУ „Христо Узунов“ која беше подобра од екипата на ООУ „Св. Климент Охридски“

Во машка категорија од 8-мо одделение најдобра беше баскет екипата на ООУ „Живко Чинго“ која во финалето ја совлада екипата на ООУ „Григор Прличев“. Во финалниот натпревар во машка категорија помеѓу екипите од 9-то одделение победи екипата на ООУ „Григор Прличев“ која беше подобра од екипата на ООУ „Братство Единство“.