Околу 500 натпреварувачи од неколку балкански држави, се дел од Маѓународниот карате натпревар “Охрид Опен 2023” кој започна денеска во спортската сала “Билјанини извори”.
На свеченото отворање на натпреварот, во името на Локалната самоуправа поздравно обраќање имаше заменик градоначалникот на Општина Охрид , Перчо Божиновски.
-Ми претставува голема чест што сум денеска тука и што имам можност да ве поздравам во мое лично име и во името на градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Бројката од околу 500 пријавени учесници е јасен показател дека овој меѓународен карате турнир во текот на изминатите годините прерасна во една важна спортска манифестација, која дава голем придонес во промоцијата на Охрид како современ спортски центар.
Нашиот град може да се пофали со многу истакнати имиња кои имаат остварено одлични резултати во оваа боречка дисциплина. Особено сме горди на младите генерации на талентирани каратисти од кои очекуваме уште поголеми успеси и освоени награди.
Упатувам искрени честитки и благодарност до организаторите на овој голем натпревар со надеж дека оваа традиција ќе продолжи и во континуитет и во иднина ќе може да бидеме домаќини на вакви спортки случувања.
Спортисти победуваат и добиваат награди, а ние сме секогаш тука да ги бодриме и да ги мотивираме за уште поголеми достигнувања. Општина Охрид и во иднина ќе продолжи да ги поддржува ваквите спортски настани и да дава поддршка на сите спортските клубови.
Ви посакувам успешни натпревари и одлични резултати, а до сите гости упатувам покана да го искористат својот престој во Охрид, за уживање во природните и културните убавини на нашиот скапоцен туристички бисер, истакна Божиновски во своето обраќање.
Организатори на натпреварот се охридските карате клубови “Чоле” и “Кунсуто” со поддршка на Општина Охрид.