Парламентарна делегација од економскиот совет при чешкиот парламент, составена од претседателот Михал Кортиш и членовите Ондреј Фебер, Мирослав Плевни и Ростислав Костил, денес беше во посета на Охрид. Дел од делегацијата беа и амбасадорот на Република Чешка во Македонија, Н.Е. Јарослав Лудва и конзулот на Република Чешка, Давид Чернохорски.
Во рамки на посетата делегацијата оствари средба со градоначалникот Кирил Пецаков. На средбата соговорниците разговараа за продлабочување на соработката на повеќе полиња и пренесувања на искуствата. Сите членови на парламентарната делегација претходно обавувале градоначалнички функции. Во склоп на делгацијата беа и претставници на стопанскиот сектор од Чешка.
Средбата беше искористена за потпишување на меморандум за соработка помеѓу Општина Охрид и „Смарт ФинТехнологиес“. Потписници на меморандумот беа градоначалникот Кирил Пецаков во име на Општина Охрид и Михал Вит од компанијата „Смарт ФинТехнологиес“. Со меморандумот се опфаќа соработка во понатамошниот развој на „Касарна Хаб“, овозможување пријатна бизнис клима за чешките компании, поддршка во економскиот развој, заедничка поддршка за иновативни бизнис идеи во рамки на „Касарна Хаб“ и поддршка во активирањето на локалната бизнис заедница. Исто така предвидено е со меморандумот да се разменуваат искуства помеѓу охридските компании и компаниите од Чешка.
Потписниците на меморандумот се согласија дека овој конкретен чекор е почеток во продлабочувањето на соработката со Република Чешка.