Ковачевски: Добро е што опозицијата не е против уставни измени, нам ни треба обединета Влада за европска интеграција, не за изолација

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска имаше средба со претседателот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

На средбата се разговараше за важноста сите политички партии во државата да го поддржат европскиот пат на државата, со цел да се осигура европски квалитет на живот за граѓаните дома и членство на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Во продолжение е интегралната изјава на премиерот Ковачевски, дадена по средбата:

„Сакам да изразам задоволство и драго ми е што денес се видовме со г. Мицкоски претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, бидејќи сметам дека тоа е начин на кој треба да се комуницира на прашања кои се важни за иднината на државата, на граѓаните. Ваков демократски дијалог треба да има на сите нивоа, не само меѓу претседателите на политичките партии туку и меѓу пратениците во Собранието и меѓу претставниците на другите институции во кои се застапени и на локално ниво претставниците и на власта и на опозицијата.

Граѓаните заслужуваат да имаат функционални институции и заслужуваат да живеат во држава во која постои политички дијалог меѓу политичките партии кои застапуваат различни идеолошки провиненции. Од тој аспект е добро што имавме разговор.

Можам да кажам дека е добро што ставот утрово искажан од страна на потпретседателот на ВМРО – ДПМНЕ пред нивното партиско седиште, практично е променет и е различен од ова што го слушнав на средбата јас, меѓутоа што можевте и вие да го слушнете на прес конференцијата, а тоа е дека ВМРО – ДПМНЕ не е против уставни измени во државата. Тоа е заеднички заклучок и клучна порака од оваа средба која што ја имавме денес и тоа е добро, бидејќи вакви одлуки јас од прв ден кажав дека се одлуки на сите партии, на целото општество. Ова не е процес на еден човек, на една партија, не е процес на една Влада туку е процес во кој треба да учествуваат сите и заедно да обезбедат подобра и попросперитетна иднина на сегашните и на идните генерации.

Повеќе на : https://vlada.mk/node/33551