Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и генералниот секретар на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу, беа говорници на денешната сесија „Искрената регионална соработка го одржува регионот стабилен“, во рамките на Преспа форумот за дијалог.
На сесијата се дискутираше за важноста од регионалната соработка, која е клучна во услови на геополитички превирања и силна поларизација на светот.
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски во своето обраќање, истакна дека Преспанскиот договор е добар модел за функционална дипломатија, којшто промовира решавање отворени прашања преку отворен дијалог, не само за земјите во регионот туку и во Европа.
Ковачевски рече дека Договорот од Преспа одговара и на загриженостите кај речиси сите држави кои имаат слични спорови што засегаат идентитетски прашања.
Премиерот истакна дека Преспанскиот договор е модел на дипломатија чиишто решенија не ги загрозуваат, туку напротив ги заштитуваат и зацврстуваат идентитетските определби, значајни за една држава и еден народ.
„Од нашиот македонски пример, сакам да порачам на регионот дека е важно да се има храбро, но и стратешко лидерство, бидејќи тоа води кон очекуваните перспективи. Се покажа дека политичките решенија се и решенија за економијата, односно, дека тешките одлуки функционираат и за економијата. По Договорот од Преспа и почетокот на преговорите со ЕУ, лани, во најпредизвикувачката година по Втората Светска војна, Република Северна Македонија минатата година бележи највисоко ниво на странски директни инвестиции – над 700 милиони евра и највисоки државни буџетски инвестиции од 465 милиони евра. Платите значително порасна – минималната плата за 100 проценти во однос на периодот пред 5 години, а нивото на пензиите е зголемено за 40 до 50 проценти, за истиот период. Ова секако е резултат на постигнатата стабилност дома, а се должи и на зајакнатата економска соработка во Западен Балкан, којашто е факт дека никогаш не била поголема од денес. Сега доаѓаме до суштината на значењето на регионална соработка. Со заеднички сили ја пребродивме, прво, здравствената криза, а потоа се справивме и со пикот на економско-енергетската криза во текот на зимата, што доведе до поскапување на енергијата, храната, суровините, влијаеше на инфлацијата и се закануваше на економиите.
Ако не ги имавме цврсто поставено темелите на меѓусебната доверба, преку иницијативата Отворен Балкан и Берлинскиот процес, сигурно ќе бевме во потешка ситуација од денес. Но, со заедничкото делување, солидарност, поддршка, ги ублажуваме последиците од овие наизменични кризи и нашата соработка покажува успех.
И ако некој сè уште се прашува како – одговорот е пред сите нас. Државите во регионот имаат политички раководства кои одлучија да се ослободат од прангите на минатото, да гледаат кон иднината и да работат за неа: заедно и денес!“, рече премиерот.
Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, во своето обраќање истакна дека Преспа форумот за дијалог е уникатна политичка платформа за размена на идеи. Мецола изрази уверување дека Европскиот парламент ќе продолжи со својата непоколеблива поддршка за сите оние кои искрено сакаат да станат членки на ЕУ, за оние кои живеат следејќи ги вредностите на ЕУ и кои имаат храброст да се помират, да реформираат и да го свртат погледот кон иднината.
Повеќе на :