Денес во спортската сала „Билјанини извори“, започна меѓународен турнир во Таеквондо. Пред присутните натпреварувачи се обрати градоначалникот Кирил Пецаков.
– Како голем поддржувач на спортот, секогаш ми е посебно драго да бидам дел од вакви спортски случувања, кои оставаат траен белег во спортскиот живот на нашиот град и се позитивен пример за афирмација и промоција на различни спортски дисциплини.
Таеквондото е вековна боречка вештина која со своите правила и техники е вистински психички и физички предизвик, па затоа на сите натпреварувачи им честитам за нивната посветеност и ентузијазам да бидат истрајни во сите борбени подвизи.
Оваа можност би сакал да ја искористам и да истакнам дека сум особено горд што Охрид веќе има неколку истакнати имиња кои на наша голема радост имаат остварено врвни резултати во оваа боречка дисциплина.
Помеѓу нив е и европската златна титула на младата Христијана Парулеска која ја прославивме пред два месеци. Верувам дека во подем се и нови генерации на успешни таеквондисти, од кои во иднина очекуваме уште поголеми достигнувања.
Се надевам, дека овој спортски настан ќе продолжи да се одржува и во иднина, со уште поголем број на учесници и дека значително ќе придонесе за промоција на потенцијалите за развој на спортскиот туризам во Охрид.
Ви посакувам успешни натпревари и одлични резултати, како и многу нови пријателства. До сите гости упатувам покана да го искористат својот престој тука, за да уживаат во убавините на нашиот туристички бисер Охрид – исткана Пецаков.
На турнирот учествуваат преку 200 натпреварувачи од 6 европски земји, со што оваа меѓународна манифестација се вбројува во низата на најатрактивни таеквондо настани во регионот.