ЗАПОЧНА БАЛКАНСКИОТ ФЕСТИВАЛ

Синоќа  во ЦК „Григор Прличев“ свечено беше отворено 62-то издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри.  Пред присутните  се обрати  заменик градоначалникот на Охрид, Перчо Божиновски.

– Вечерва тука, заедно  во нашиот убав Охрид  ја продолжуваме долгогодишната традиција, со одржувањето на оваа манифестација на  највеличествен начин  да  го прославиме  значењето на танцот и музиката  како универзални вредности на народите. Облечени во боите на својата земја, со сјај во очите и нескротлива енергија учесниците од  повеќе европски земји  ја претставуваат својата култура, традиции и обичаи кај нас, а со тоа потврдуваат дека  најдобрата врска меѓу народите е музиката и танцот. А токму прек нив  од дамнина се изразувала тагата или радоста, гордоста или очајот на Балканските народи.  Преку фолклорот  се отсликува генетскиот код на еден народ и токму затоа Балканскиот Фестивал  кој е најстара културна манифестација од ваков тип на Балканот е толку значаен и го зазема  фестивалскиот примат.

Полека но сигурно ја ситниме седмата деценија од првото заиграно оро и отпеана песна на сцената на Доллни Срај.  Оттогаш почнува магијата, а до денес на фестивалот учествувале неколку десетици илјади учесници, инструменталисти, играорци, пејачи од  сите континенти во  Светов.  Сите тие дефилирајќи низ охридската чаршија најавуваат долго топло лето во Охрид со надеж за плодна туристичка сезона.

Јас верувам дека уживавте на синоќешната изложба од „Љубанишча  до Дебор“ од колекцијата на Љупчо Милошески, а повеќе од сигурен сум дека ќе уживате и во  претстојните фестивалски ноќи.

На крај им се заблагодарувам на вработените од ЦК „Григор Прличев“ за одличната организација на фестивалот.  На учесниците им посакувам најубаво фестивалско претставување со желба да понесат убави впечатоци од древниот Охрид и повторно да се вратат кај нас– рече Божиновски.

 

Свое обраќање пред присутните имаше и Заменик претседателот на македонското Собрание,  Горан Мисоски.  Настанот е во организација  на Министерството за култура на Р. Македонија

Влезот за фестивалските ноќи е слободен.