63-ТО ИЗДАНИЕ НА „ОХРИДСКО ЛЕТО“

Градоначалникот  Кирил Пецаков присуствуваше на отворањето на 63-то издание на фестивалот „Охридско Лето“ што синоќа се одржа на Античкиот театар во Охрид.

Светската оперска дива Ангела Георгиу, придружувана од симфонискиот оркестар на Националната опера и балет под диригентската управа на Чипријан Теодорашку, приредија ноќ за паметење изведувајќи ги најпознатите арии на Паучини, Верди, Прокофјев, Брамс.

Наредните 40 дена ќе се одржат атрактивни културни настани  на сцените на Атичкиот театар, црквата „Св. Софија“ , „Долни Сарај“, Центарот за култура „Григор Прличев“, но и  на други интересни локации низ градот.

Програмата нуди настапи на светски познати имиња и ансамбли од музичката, драмската уметност, програма за сите вкусови и генерации, сето вклопено во неповторлив природен и духовен амбиент каков што е Охрид. Вљубениците во уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 34 концерти и седум театарски претстави, а програмата ќе биде збогатена и со балет, изложба на фотографии и промоција на книга. На фестивалот ќе настапат повеќе од илјада уметници од над дваесет земји од светот – Србија, Чешка, Италија, Словенија, Полска, Франција, Турција, Израел, САД, Украина, Шпанија, Црна Гора, Грција, Германија, Романија, Португалија, Египет, Русија и Северна Македонија.