19 бугарски државјани-навивачи на вчерашниот натпревар се приведени вчера поради нарушување на јавниот ред и мир пред и за време на фудбалскиот натпревар меѓу екипите на ФК „Шкупи“ од Скопје и ФК „Левски“ од Софија.
Од нив, осум лица се приведени за насилство на спортски натпревар, две лица за физички напад на полициски службеници кои вршеле службени дејства, а девет поради агресивно однесување кон нив.
По документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Околу полноќ полициски службеници од СВР Скопје лишиле од слобода и двајца македонски држајани – навивачи на навивачката група на ФК „Шкупи“, кои го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка. И овие лица се приведени и ќе се соочат со законски предвидените поднесоци.
Од МВР информираат и за физичкиот напад врз четворица бугарски државјани. Според пријавата, настанот се случил вчера во 18.38 часот на улица „Цветан Димов“, при што бил употребен и остар предмет, а бугарскиот државјанин Д.А. се здобил со тешки телесни повреди.
– По преземени мерки и активности утврден е идентитетот на поголемиот дел од напаѓачите и се расчистува случајот, по што ќе бидат поднесени пријави,
-се наведува во соопштението од МВР.
Повредениот Д.А. бил пренесен на Универзитетска клиника по хируршки болести „Св.Наум Охридски“ во Скопје и е во стабилна состојба.