Македонија е во шок по веста дека 27 годишна девојка од штипско село почина на Инфективна клиника по каснување од крлеж.
Пациентката имала тешка форма на конго кримска хеморагична треска и прво била хоспитализирана во болницата во Штип.
По влошување на состојбата ја препратиле во Скопје каде и покрај сите напори на лекарите да и го спасат животот, смртта настапила на 27 јули во вечерните часови. Веднаш биле известени Инситутот за јавно здравје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
– Во Штип направивме епидемиолошка анкета заедно со епидемиологот од штипскиот центар за јавно здравје. Го посетивме и селото и семејството каде живеела девојката. Дознавме дека била касната од крлеж кој го извадиле во домашни услови и всушност крлежот е тој што ја пренесува оваа болест,
вели д-р Драган Кочински, епидемиолог во ИЈЗ.
По 40 години ова е вторпат да имаме смртен случај од хеморагична треска што ја пренесува заразен крлеж. Во 1971 година имало епидемија со 13 дијагностицирани од кои двајца починале, а еден случај бил појавен и во 2010 но без сериозни компликации. Оваа болест може да се пренесува од човек на човек преку крвта и затоа биле проверени сите контакти на починатата – од семејството, брза помош и медицинскиот персонал во штипската болница и клиниката за инфективни болести.
Од ДСЗИ ни потврдија дека издале 19 решенија за здравствен надзор на членови од семејство и здравствени работници и тие во следните 14 дена доколку имаат некој симптом треба да се јават на лекар.
– Направивме пребарување на контактите во штипската болница и во Брзата помош а колегите во Скопје направија на Инфекивна, а исто така и на членовите на семејството. Беа класифицирани според ризик. Од тие со најголем ризик беа доставени 4 материјали за испитување во лабораторјата во ИЈЗ и сите се негативни,
вели д-р Кочински.
Епидемиолозите освен со препораки за соодветна облека во шумски предели советуваат и никако вадење на крлеж во домашни услови.
А освен смртниот случај со конго кримска хеморагична треска, од Институтот за јавно здравје потврдуваат дека годинава има еден случај на West Nile по каснување од комарец кај лице кое патувало во Будва, прв регистриран случај во Македонија на Денга треска кај лице кое било на Малдиви и еден случај на хеморагична треска со бубрежен синдром – ја пренесуваат глувци.