Против лицето Рамиз Мерко, градоначалник на Општина Струга се водат низа од над 30 предмети кои датираат од 2016 година па се до денеска- во Основното јавно обвинителство Струга, Вишото јавно обвинителство Битола и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Основното јавно обвинителство Струга води четири предмети против наведеното лице оформени од почетокот на годинава, а постапува и во два предмети во предистрага од 2021 година кои се однесуваат на конкретни проекти на Општина Струга. За други четири предмети во работа (2 од 2019 и 2 од 2022), јавните обвинители кои преземале дејствија добија укажувања и насоки со цел дополнително да се динамизира постапувањето.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција има во работа вкупно 5 предмети (2 во РО и 3 во КО уписник). Меѓу нив е и предметот со спорната набавка на службени автомобили во Општина Струга, кон кој е приклучена и иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција и извештај на Државниот завод за ревизија
Вишото јавно обвинителство Битола доби насока во следниот период да врши зачестени контроли и да го следи постапувањето во сите предмети против избрани и именувани лица во основните јавни обвинителства во своја надлежност.
Во меѓувреме скандалите на Мерко не престанувааат.
Државната комисија за борба против корупцијата и судир на интереси (ДКДСК) ќе достави иницијатива до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струга за кривично гонење на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко за злоупотреба на службената положба и овластување.
Оттаму се сомневаат дека Мерко на незаконски начин на два пати назначил в.д. директорка на основно училиште во Струга која немала завршено високо образование ниту го имала потребното работно искуство.
Комисијата предложи и кривично да се гонат и в.д. директорката како и уште неколку други вработени кои и помогнале да фалсификува документи кои и биле потребни за изборот на функцијата директор.
„Градоначалникот на Струга спротивно на законот на два пати ја назначил за в.д. директорка наставничката по англиски јазик иако таа не ги исполнувала условите за тоа. Пријавената в.д. директорка предавала предмети за кои не била стручна и за кои е потребно високо образование. Имала четири години и осум месеци работно искуство што не е доволно за да биде назначена за директор.
Дополнително во тоа време таа немала уверение за положен испит за директор,а училишниот одбор не донел одлука за распишување на јавен повик. Сето тоа го направила со фалсификувани службени исправи. Во исто време директорката сама на себе со анекс договор си го зголемила фондот на часови што е спротивно на законот. Во тоа и помагале поранешни директори. Со тоа тие ја злоупотребиле службената положба и фалсификувале слижбени исправи“, рече членот на ДКСК, Шемси Салаи кој работеше на овој случај.
Забраната за движење по костими за капење низ центарот на Струга,
Мерко, од морални причини (како што се изјаснува) донесол забрана за движење Од Чаршискиот мост до Градскиот пазар. Истата забрана била донесена заради морални и етички причини и почит кон бизнисот и граѓаните.
Меѓутоа, од правен аспект пак, според адвокатот и член на Советот на Општина Струга Ален Деребан, немало основ за поставување сообраќајни знаци, ниту за санкционирање.
– Советот носи годишни програми и во нив има предвидено на кои места како се уредува со сообраќаен знак. Во овој случај Советот нема донесено одлука за поставување на тие знаци. Нема ниту правна основа за нивно поставување, ниту пак за санкционирање при непочитување,
-вели Деребан во изјава за МИА.