ОДБРАН Е НАЈДОБРИОТ РАСКАЗ НА ГОДИНАШНИОТ КОНКУРС „ЖИВКО ЧИНГО“

Расказот „Ние ја имаме судбината на Јозефа К.“ под шифра: „Обид на македонистот“, е најдобар на годинашниот конкурс „Живко Чинго“. Комисијата во состав: проф. д-р Димитар Пандев, претседател, м-р Перчо Божиновски, член и доц. д-р Мерсиха Исмајлоска, член, го издвои награденото дело со актуелноста на горливата тема, вклопена во интертекстуална книжевна матрица со референци на светската и македонската книжевност, што му дава постмодернистички сензибилитет.

Комисијата го истакнува своето задоволство од високиот степен на квалитет на пристигнатите раскази, особено од мошне развиеното јазично чувство кај повеќето од раскажувачите што се јавија на овој конкурс.

На Конкурсот пристигнаа 73 плика со вкупно 75 раскази, а во потесен избор беше и расказот под шифра „Билјанини извори“.

Авторот на наградениот расказ, треба најдоцна до 11 август да се јави во Одделението за  култура на Општина Охрид, за докажување на авторството со четвртиот примерок. Наградата на авторот ќе му биде врачена на традиционалната манифестација „Вечер на Живко Чинго“ на 13 август.