Денеска во касарната „Алексо Дамниевски Бауман“ во Велес се одржа свечена церемонија за промоција на 120 подофицери и свечена заклетва на 150 професионални војници. На свеченоста присуствуваа и се обратија министерката за одбрана Славјанка Петровска и Заменикот на Началникот на Генералштабот генерал мајор Азим Нуредин.
Армиските припадници од редовите на професионалните војници кои ja поминаа тримесечна обука за подофицери во Командата за обука и доктрини, денес беа промовирани во прв подофицерски чин, а новите професионални војници ја положија своја заклетва.
Министерката Славјанка Петровска на новите подофицери им порача дека секој кој што пристапува кон војничката професија има единствена мисија, да и служи на својата татковина и на својот народ затоа што војничката професија претставува голема жртва но и највисока чест, а да се носи униформа на земја членка на НАТО е дополнителна одговорност.
„ Ви благодарам и ви честитам на сите вас, што нè правите горди како нација и како институција, и што сте нашиот поттик и инспирација да продолжиме да се соочуваме со предизвиците на времето во кое живееме и новата безбедносна архитектура. Вистина е дека секоја генерација има своја борба, но вистина е и дека изминатите неколку години се веројатно време на најголеми предизвици со кои се соочил светот во последните седумдесет години “, рече Петровска и порача дека учењето и личното усовршување никогаш не треба да запре.
Министерката истакна дека градењето на отпорност како еден од клучните концепти на НАТО Алијансата секогаш треба да започне со личен пример додавајќи дека подготвеноста брзо, ефикасно и одлучно да реагираме на секоја ситуација всушност ја покажува и нашата подготвеност да ги одбраниме вредностите кои ги споделуваме и да ги заштитиме државата и граѓаните.
„Токму затоа, и покрај сите предизвици со кои е соочено нашето општество, како министерка секогаш давам дополнителни напори за унапредување на армијата како целина, но се разбира и квалитетот на живот на секој поединец во неа. За релативно краток временски период како овозможивме двојно поголем буџет на одбраната, набавка на современа опрема и вооружување, реконструкција и ревитализација на објектите и инфраструктурата кои се од стратешки интерес, и пред се, ги продлабочиме врските со сојузниците, разменувајќи искуства и организирајќи заеднички вежби “, подвлече Петровска.
Заменик началникот на Генералштабот, генерал – мајор Азим Нуредин посакувајќи им успешен професионален развој на новите подофицери и новопримените професионални војници им порача со беспрекорно извршување на идните задачи и должности, достојно да ја преставуваат Армијата и државата.
На свеченоста им беше оддадено признание на тројцата најдобрo рангирани подофцери,водник Димче Вакадински, водник Филип Анѓеловски, водиник Александар Трајковиќ.
По повод произведувањето на нови подофицери и свечената заклетва на професионални војници на свеченоста присуствуваа и Началникот на штаб на командата за операции бригаден – генерал Мирче Ѓоргоски, претставници од кабинетот на Претседателот, командантите на Единици од Армијата, претставници од Командата за обука и доктрини, роднини и пријатели на професионалните војници и ново произведените подофицери.