Истокот од Шпанија и Пиринеите вчера беа под напад на многу обилни врнежи и силни грмотевици. Имаше и локални поплави, а денеска е загрозен западниот дел на Медитеранот каде има опасност од торнада, јавуваат српските медиуми.
Поради навлегувањето на значително посвежа воздушна маса, температурите на Алпите паднаа за околу 15°C, што се вистински есенски вредности, додека на повисоките делови на Алпите се очекува снег.
Викендов во исто време се формираше секундарен циклон над западниот и централниот Медитеран.
Вечерва се очекува облачност со врнежи од дожд и грмежи на север од Јадранот и на запад од Словенија. На места се очекуваат и грмежи со град, а според прогнозите ќе наврнат и над 50 литри дожд на метар квадратен со опасност од поплави и порои.
Најголем дел од промените во Словенија и Хрватска се очекуваат во понеделник, кога ќе се пробие студен фронт со пороен дожд и грмежи, а локално се очекува и суперклеточно невреме.
Се очекува пад на температурата за десет степени. Заладувањето и невремето нема да го заобиколат ниту југот на Јадранот, пренесува Телеграф.