Вчеравечер во предворјето на црквата „Света Софија“ започна првото издание на „Охрид џез фестивал“ кој се организира под покровителство на Општина Охрид.
На свеченото отворање на фестивалот пред присутните се обрати заменик градоначалникот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.
– Големо е задоволството да се биде денеска овде, помеѓу вас, на свеченото отворање на првото издание на Охридскиот џез фестивал кој има за цел да донесе една нова музичка енергија и уникатна забава, на самиот крај на летната сезона.
Особено не радува фактот што Охрид како најважен духовен и културен центар во нашата држава е домаќин и поддржувач на вакви културно-уметнички настани кои го привлекуваат вниманието на гостите и го збогатуваат културниот мозаик на градот.
Џезот е важен дел од светската музичка историја, но се уште има многу силно влијание врз сите останати музички стилови и правци, па затоа заслужува големо внимание и почит. Се радувам што Охрид ги согледува современите музички трендови и отвора една нова фестивалска сцена, на која ќе може да настапат врвни и докажани џез музичари.
Џез музиката е жанр кој се карактеризира со својата слободна експресија и комплексни хармонии кои приредуваат вистинско уживање за слушателите. Убеден сум дека во текот на овие два фестивалски дена, овде во преубавиот амбиент на предворејто на црквата „Света Софија“ ќе имаме можност да проследиме изведби на квалитетни музичари, кои преку посебно избрана програма ќе не однесат на незаборавно џез патување.
Оваа можност би сакал да ја искористам и да им се заблагодарам на организаторите и на овогодинешните учесници, кои со својата волја и ангажираност го поставуваат нашиот град на пијадесталот на привлечни дестинации за љубителите на џез музиката. Искрено се надевам дека оваа манифестација ќе продолжи да расте и да се развива и дека ќе стане препознатлив дел од културната понуда на Охрид. Како и до сега, така и во иднина, нашата локална самоуправа ќе биде секогаш подготвена да ја даде потребната поддршка на вакви креативни проекти, истакна Божиновски во своето обраќање.
Во рамки на првата фестивалска вечер настапија Горан Папаз, Ансамбл „Билјана“ и гостите Танче Гроздановски и Ратко Даутовски. Вечерва во рамки на програмата предвиден е концерт на Џон И. Апелгрен квартет.