СВЕЧЕНО ОДБЕЛЕЖАН 23 ОКТОМВРИ – ДЕНОТ НА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА БОРБА

Со свечена академија, вечерва во големата сала на Општина Охрид, одбележан беше 23 октомври – Денот на Македонската револуцинерна борба. На големиот јубилеј, 130 години од основањето на ВМРО, присуствуваа голем број граѓани, советници и пратеници во македонскиот парламент.

Честитајќи го големиот празник, пред присутните се обрати градначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

 Кога би можеле барем за миг да се најдеме во книжарницата на Иван Хаџи Николов во Солун пред точно 130 години, веројатно би помислиле дека гледаме група наивни идеалисти, кои се подготвуваат да ја урнат големата Отоманска империја. Денес знаеме дека Христо Татарчев, Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев се едни од најодважните и најхрабрите Македонци во нашата историја, кои го поставија фундаментот на сите идни борби на Македонецот, до негово конечно ослободување во 1944 година, а ќе биде крунисано со прогласување на независноста во 1991 година.

Славејќи го и одбележувајќи го 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, само е потврда дека милениумското постоење на македонците, било со постојана борба за себеидентификација од антиката па се до денес. Бидејќи, да не заборавиме дека Македонските и сесловенски просветители Светите Кирил и Методиј во тоа време имале своја битка, повторно поврзана со македонците, а и со сите словенски народи. Просветителскиот деветнаесети век на Теодосиј Синаетски, Јордан Хаџи Константинов Џинот, Ѓорѓија Пулески, Војдан Чернодрински, нашиот охриѓанец Григор Прличев и плејада истакнати творци и општественици,  е уште една битка, кога веќе артикулирано повторно на сцена се враќаат Македонците, а ќе кулминира со „Македонцките работи“ на великанот Крсте Петков Мисирков.  

Почитувани, ваквата историска реминисценција покажува дека Македонците се борат затоа што се храбри, трпат затоа што се мудри, простуваат затоа што се Богуугодни. И најважно од се знаат одново и одново да градат за себе и за сите други кои ги споделуваат ваквите вредности. Јас сум уверен дека како генерација го носиме кодот на нашите предци и ќе знаеме да ги пребродиме сите предизвици кои се пред нас за извесна и просперитетна иднина. Нека ни е честит и вековит 23 Октомври и вечна да ни е Македонија – истакна во својата беседа Пецаков.

За значењето на овој ден и за историските импликации од основањето на ВМРО, пред присутните зборуваше проф.д-р Наташа Котлар.

Свеченоста беше збогатена со аудио рецитал на актерот Петре Темелковски и музички настап на охридските млади уметници.