Стартува евтината дневна тарифа на струјата во периодот од 13 до 15 часот. Со воведување на дневната евтина тарифа, домаќинствата со сетирани броила ќе имаат на располагање вкупно 11 часа евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие од понеделник до сабота и 24 часа во недела.
Иако најавите беа дека до 10 декември ќе бидат сетирани сите броила на корисниците, очекувањата се дека до Нова Година најголем број од корисниците сепак ќе имаат можност да ги користат поволностите на дневната евтина тарифа. Проценките се дека едно семејство со просечна потрошувачка на струја на овој начин ќе може да заштеди околу 1.000 денари месечно.
Тарифен систем
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе тарифен систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај со кој се утврдува дека евтината дневна тарифа стартува од 1 декември 2023 година во периодот од 13 часот до 15 часот.
„РКЕ по направените анализи оцени дека се создадени услови домаќинствата да користат дополнителни часови во коишто надоместокот за потрошената електрична енергија ќе се пресметува по евтина тарифа. Податоците укажуваат дека инвестицискиот циклусот во обновливи извори на енергија го зголеми производството на електрична енергија со што директно се влијаеше врз намалување на цената преку ден“, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Сите домаќинства кои имаат далечинско отчитување, од 1 декември ќе имаат евтина тарифа. За останатите група по група ќе се сетираат мерилата. Екипите на ЕВН ќе треба да направат сетирање на уште 400.000 броила, па се очекува до крајот на месецот да бидат опфатени околу 90 проценти од корисниците.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, смета дека заштедата од бесплатната дневна тарифа за електрична енергија ќе изнесува 1032,2 ден/месечно за семејство со просечна потрошувачка.
Колку ќе се заштеди?
Пресметките на Електродистрибуција покажуваат дека во зимскиот период просечно едно домаќинство што користи клима или друг уред за затоплување ќе заштеди по 325 киловати месечно само со воведувањето евтина тарифа од 13 до 15 часот.
Тарифниот систем за евтината дневна тарифа беше донесен уште во јуни. Во меѓувреме Електродистрибуција беше обврзана да ги сетира броилата за да можат сите домаќинства да ги користат поволностите на дневната евтина тарифа на струјата.
Електродистрибуција поседува 170.000 броила со далечинска комуникација и 650.000 обични броила кои треба да се посетат на лице место. Станува збор за броила коишто ги има низ целата земја.
Евтината дневна тарифа беше укината на 1 јануари 2022 година, кога имаше и поголемо зголемување на цената на електричната енергија за 9,48 отсто. Изминатата година граѓаните можеа да користат поевтина струја само во текот на ноќта – од 22 до 7 часот секој ден и во недела цел ден.