Со свечена академија во чест на Свети Климент Охридски –заштитникот на Охрид, вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ се одржа централниот настан за овогодишната програма за одбележување на патронот на градот.
Пред бројните гости говор одржа градоначалникот Кирил Пецаков.
– Во предвечерието на големиот празник, повторно стоиме пред портите на неговиот манастир, ги допираме стоелетијата, ја слушаме светата тишина и го чувствуваме безвременскиот благослов. А тој, пресветол….облеан со зраците на сончевиот ореол, со милостив поглед не дарува со мир и спокој, додека ги испишува словата, кои од брегот на Охридското Езеро, со силна духовна енергија пловат во недогледот на вечноста.
И додека будни сониме за нова надеж, со најголема љубов и вера, избираме благородни зборови за да оддадеме достојно поклонение на неговото дело, како најцврст столб во темелите на нашата Македонска душа.
Како најскапоцен подарок од Бога, доделена ни е честа да го величиме и славиме нашиот молитвеник, духовник, просветител, нашиот најголем учител, Свети Климент Охридски, патронот и чуварот на овој светол град, кој гордо опстојува низ милениумската историја.
Почитувани присутни, драги гости, ценети делегации, мои охриѓани, дами и господа…Дозволете ми да ве поздравам и да ви посакам срдечно добредојде на оваа прекрасна декемвриска свеченост, со која заедно ќе обзнаниме уште една приказна за Охрид, проткајана со животот и успесите на нашите најзначајни охриѓани, кои се вредни за Светиклиментовата привилегија и ја продожуваат светата традиција.
Упатувам искрена благодарност и до сите наши пријатели кои ни испратија искрени празнични честитки, со низа желби и убави зборови што многу ни значат.
….„Оче Клименте, славен како река духовна, што излегува тајно од рајот и протечува на четири страни, со своите зборови на сите краишта на земјата, ти сите ги упатуваш на вера со твоето златно учење…Сјае Охридската црква како крин огреана од твоите молитви….Пружи ги своите пречесни раце за милост, просвети не, заштитувајќи не од сите зла, укрепувајќи, простувајќи…“… со овие зборови на неговиот анонимен ученик, како најубав стих и најмилозвучна песна, му се обраќаме и ние денес, зошто знаеме дека будно бдее над нашите дни и ни испраќа помош, кога ни е најпотребна.
Светиклиментовите идеи во Охрид стануваат запис во срцата на богољупците, а силата на охриѓани и на Македонците е во заслугот на светата мисла и во почитта на неговите пораки за човекољубие и хуманост. Со својата мисија, Свети Климент ги отвори вратите на новата црква и од нејзиното предворје во ластовички лет го пушти словото на писменоста, да оди и да се враќа, да полетува и да ги прелетува сите словенски пространства.
Oдејќи по стапките на своите духовни отци, тој го расеа семето по плодната почва на Македонија, во книжна недоглед и во совршен ред. Со наднебесна смисла на пораките божји, ги даруваше словенските народи со духовна светлина издигнувајќи ги на културната и цивилизациска сцена.
Свети Климент е паметник на македонскиот дух, неговото дело е вечен израз на македонската гордост, а неговата визија за знаењето стана најважниот дел од нашата национална свест.
И по толку години, децении и векови нанижани како ѓердан од бисери, исполнети со храброста на Македонскиот народ, застануваме повторно на изворот на словото и светлината, што блика од највредното наследство што ни го остави нашиот Климент. Неговото дело е толку големо што добива димензии на бесконечност… на нешто кое своето име гo втиснало во вечноста и ги врежало длабоко во светската меморија. Неговите дарови постојано го осветлуваат нашиот пат и ни даваат крилја да достигнеме до изобилство на знаење и духовна благосостојба.