Ковачевски: Автопатот Охрид-Кичево е готов 80 проценти, но на готови делови на автопатот пред Нова година имало 11 свлечишта
Не се знае судбината на автопатот Кичево-Охрид, ниту кога ќе биде завршен, ниту, пак дали за неговата доизградба ќе бидат потребни дополнителни средства.
Оваа делница која што се гради веќе речиси десет години и натаму е предмет на дебати и меѓусебни обвинувања на политичките партии. Во меѓувреме, цената за автопатот од првичните 375 милиони евра се зголеми на речиси 600 милиони евра, но прашање е дали тоа ќе биде и последниот износ кој што треба државата да го плати на кинески „Синохидро“, кој имаше рок до крајот на 2023 година да го предаде автопатот.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека трасата на автопатот била така направена да на готови делови на автопатот пред Нова година имало 11 свлечишта.
– Цели ридови беа паднати врз новоизграден автопат. Треба да се прашаат проектантите како можеле да проектираат на свлечиште кое што веднаш паѓа на автопатот, изјави денеска Ковачевски.
Тој додаде дека не е архитект, но од она што го гледал во проектот и што му покажувале стручни лица, проектот имал многу парадокси.
– Една од косините е така направена да почнува на автопатот после Кичево, а завршува во Албанија, колку високо е направен. Значи имате и такви парадокси на тој автопат, рече Ковачевски додавајќи дека автопатот е готов 80 проценти, но свлечиштата ќе мора да се регулираат.
Одговарајќи на прашањата дали со „Синохидро“ ќе се потпишува нов анекс договор, и дали ќе се продолжи рокот, како и дали ќе бидат потребни нови дополнителни средства, Ковачевски рече дека на ова можат да одговорат само во Министерството за транспорт и врски и во Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
– Инаку и да се прави анекс тој ќе мора да биде одобрен во Собранието, бидејќи овој автопат се прави со договор кој што претставува закон и секој анекс кој што е правен до сега практично е одобрен во Собранието, бидејќи само на тој начин може да се смени договор кој што е закон, рече Ковачевски.
Во однос на тоа дали Владата е подготвена да даде дополнителни средства ако се побараат, премиерот одговори дека тоа ќе зависи од анализите кои што треба да ги дадат експертите во државните институции, фидик експертите кои што беа ангажирани и секако пратениците во Собранието.
– Јас очекувам сите договори да се почитуваат така како што се потпишани. Тој автопат според договорот одобрен во Собранието требаше да биде готов три пати до сега, не еднаш. И затоа треба убаво да се анализира зошто има толку голем број на пропусти и во проектирањето и во другиот дел на активности, рече Ковачевски.
Своевремено, овој автопат беше најавен како мега проект и најголема инфраструктурна инвестиција. Изградбата почна во февруари 2014 година, а автопатот е во вкупна должина од 57 километри и првично беше проектиран на 374 милиони евра. Но, по неколку анекси на договорот и пролонгирање на роковите неговата цена достигна 598 милиони евра, но се уште е неизвесно дали тоа ќе биде и последната цена.
Кон крајот на минатата година Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта, преку Надзорниот орган ангажираа експерт за Фидик договори преку кој требаше да се обезбеди анализа на договорот како и решенија за сите идни чекори на Владата за реализација на проектот за изградба на автопатската делница Кичево-Охрид.
Владата пред новогодишните празници ја разгледа и ја усвои Информацијата за Договорот за изградба на автопатот, со препорака за продолжување на активностите со доизградба, и тоа преку склучување анекс на договор со „Синохидро“ за продолжување на рокот за изведба со искористување на веќе обезбедените финансиски средства. Истовремено од Владата беше соопштено дека изведбата на делницата ќе продолжи во континуитет се до конечна реализација.
Деновиве беше објавено дека според податоците на СВР Охрид, на односната делница од 2015 година имало 105 потешки сообраќајни несреќи, во кои загинале 22 лица, а 128 се здобиле со тешки телесни повреди.
На почетокот на активностите за изградба на автопатот во 2014 година беше посочено дека станува збор за највисоката инфраструктурна инвестиција во последните 50 години во Македонија, како и дека изградените автопати во државата во изминатите 50 години, ќинеле помалку од инвестицијата во автопатот Кичево-Охрид. Средствата беа обезбедени со кредит од кинеската Ексим банка.
Според проектот, автопатот почнува од Кичево, па преку Подвис, Пресека и Песочани стигнува до Требеништа. Од тука преку Подмолје се поврзува со Охрид. Има две ленти со вкупна ширина од 25,2 метри, а на трасата, според првичниот проект требаше да има шест натпатници и 13 потпатници, како и тунелот „Пресека“ со две цевки. Градежните работи првично требаше да завршат за четири години, но ни по десет не е извесно кога и дали ќе биде пуштен во сообраќај. Последниот анекс за продолжување на рокот на изградбата на овој автопат беше усвоен во август 2021 година, кога владата и Собранието на оваа компанија им дадоа дополнителни месеци за неговото завршување
Реализацијата на овој проект е од стратешко значење за Република Северна Македонија, истиот е дел од Коридор 8 како главен европски коридор.
извор: МИА