Мицкоски: Државата е во хаос и му ја одземаа на народот, време е за промени и за Македонија која ќе ја вратиме на народот

„Државата е во потполн хаос. Институциите се парализирани, апатија и разочараност која е насекаде. Изгубена е вербата во политичарите, затоа што волјата на народот многупати е изигрувана. Ништо не функционира, граѓаните имаат чувство дека државата е киднапирана од мала група на корумпирани политичари и затоа се скептични дека тоа може да се промени. Државата е одземена од рацете на народот, и ако најкусо може да се опише тоа чувство на народот со зборовите -немаме веќе држава“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната конвенција за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија.

Претседателот Мицкоски истакна дека нема лични карти, ниту најобични документи за кои со години претходно знаеле дека треба да се обезбедат.

„За пасоши се чека. Ќе не носеа во Европа, а заробија два милиони граѓани, и порано во короната беше карантинот, а сега создадоа државен затвор. Системот не функционира. Нема лични карти, нема ниту најобични документи за кои со години претходно знаеа дека треба да се обезбедат. Пациентите не се сигурни каква терапија добиваат, се заработува бескрупулозно на грбот на најранливите, непотизам насекаде, правда никаде. Не само младите туку и се повозрасните размислуваат да ја напуштат државата негледајќи систем и ред. Македонската партија во власта СДСМ е сведена на измеќар и соучесник во сите скандали. Нема човек кој не се срами од нивните настапи каде и да не преставуваат низ светот“, кажа Мицкоски.

Претседателот Мицкоски посочи дека овие избори се за Македонија.

„Да не се лажеме дека ова се избори за тоа дали ќе влеземе или нема да влеземе во Европската унија. Туку пред се ова се избори за Македонија. Каде изборот треба да биде Македонија средена, со закони кои важат за сите, со немање граѓани од прв и втор ред. И јас верувам дека граѓаните го знаат и ќе го направат вистинскиот избор, за себе, за своите семејства, за своите деца“, вели Мицкоски.

Претседателот Мицкоски истакна дека на 8 мај народот ќе каже доста е. Ќе каже доста е од кражби, доста е од непостоење на систем, доста е од потценување.

„Затоа ви велам дека она во што верувам пред овие избори е шансата во која сите можете и морате да учествувате. Ова не е Македонија која ја знаете, која ја сакате и која ја заслужувате. Очајот не е решение. Да не се делиме според политичките погледи, секоја наша разлика е помалку важна од Македонија која ни ја земаа. Време е да си ја вратиме. За одење напред. За развивање на концептот Македонија за сите луѓе. Да ја вратиме државата на народот. Да кажеме ова е твоја Македонија“, истакна Мицкоски.

Претседателот Мицкоски потенцираше дека дојдено е времето е за промени.

„Време е за промени и тоа време доаѓа. Ова нема да биде, моја, и само наша победа. Туку победа на секој еден човек на Македонија против естаблишментот кој не влече надоле. Доаѓа тоа време. Следуваат подобри времиња“, заклучи Мицкоски.

извор: ВМРО ДПМНЕ