Бакрачески : Не постои опасност од вулканот

По информациите кои излегоа во јавност за активација на Сулфарата – Дувало во с. Косел во текот на вчерашниот ден, градоначалникот Никола Бакрачески денес го посети овај локалитет. Од таму се констатира дека не постои опасност и дека тоа е природна појава.

 

Ние во текот на вчерашниот ден после објавувањето на информации во медиумите, веднаш како Локална самоуправа ги контактиравме надлежните институции, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, а од утрово и Природно математичкиот факултет за да можеме да излеземе со информации околу актуелната состојба на Сулфатарата – Дувало. Од она што како информации вчера и во текот на денешниот ден ги добивме може да кажеме дека нема никаква причина за вознемиреност и загриженост на населението, не само во околината на Косел туку и во Охрид, изјави градоначалникот Бакрачески.

Се работи за природна појава која што се случува при промена на временските прилики, која често е проследена со излегување на водороден сулфит и јаглероден диоксид од пукнатините на вулканот.
Според Љупчо Прескаков, овластен советник во Дирекцијата за заштита и спасување, потврда за тоа дека нема опасност од активација на вулканот е и тоа што не е забележана никаква сеизмичка активност.