ГОЛЕМА ДЕТСКА ТРКА ПО ТРЕТ ПАТ ВО ОХРИД

Околу 500 првачиња од основните училишта од Охрид и Дебрца беа дел од големата Детска трка која се одржа денеска на стадионот „Билјанини извори“ во организација на АК „Охрид ТрчаТ“. Спортската манифестација која во ваков  формат се организира по трет пат, има за цел е да ги промовира спортските навики кај најмладите и да ја подигне свеста за поголема физичка активност.

Пред почетокот на трката, присутните ги поздрави градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

-На мое големо задоволство и радост, денеска сум овде заедно со вас, за да ги поддржиме и бодриме нашите  дечиња, кои ќе ја трчаат својата прва голема трка. 

Здравствената наука и медицината постојано потенцираат дека децата кои се занимаваат со спорт растат во здрави и самоуверени личности. Затоа оваа трка не е само забавен натпревар, туку и значајна иницијатива за подигнување на свеста за важноста на физичката активност и спортот од најрана возраст. 

Нашата цел е да ги поттикнеме децата да се движат, да развиваат здрави навики и љубов кон спортот.
Спортските активности покрај тоа што се полезни за здравјето, тие ги учат децата на дисциплина, тимска работа и упорност.
Нека оваа денешна трка биде симбол на почетокот на едно патување кон здрав живот. Нека биде инспирација за сите нас да ги поддржиме и охрабриме нашите деца да бидат активни, да спортуваат и да ги откриваат своите таленти и способности.

Драги охриѓанчиња, вие сте богатството на  Охрид и на Македонија. Вашите насмевки и желби се она што ни дава сила и храброст да ви обезбедиме безгрижно детство. Без оглед на тоа кој ќе биде прв на целта, денес нема победници, запомнете дека сите вие сте наши шампиони.

Оваа можност ја користам да упатам и голема благодарност до ентузијастите од „Охрид ТрчаТ“, кои со својата посветеност и труд веќе неколку години успешно го организираат овој уникатен настан, а верувам дека така ќе продолжат и  во иднина.
Посакувам весела и забавна трка и нека денешниот ден биде полн со незаборавни моменти. Нека оваа трка биде само почеток на многу идни успеси и спортски достигнувања.

Напред до целта кон среќно детство! Бидете живи и здрави и гордост за вашите родители! Да уживаме и спортуваме заедно! Охрид е спортски град!, истакна Пецаков во своето обраќање.

 

Учеството на трката беше бесплатно, а за сите учесници АК „Охрид ТрчаТ“ обезбеди маица, медал (финишер), вода и пригодни подароци. Трката и оваа година ја подджаа Општина Охрид и голем број општествено одговорни компании. Детската трка се организираше за прв пат во 2018 година како дел од Атлетската манифестација „Охрид ТрчаТ“, а од 2022 година започна да се организира со поинаков концепт и е наменета за сите првачиња.