Почна изградбата на затворен базен во Охрид

Почна изградбата на затворениот базен во спортско рекреативниот центар “Билјанини извори” во Охрид. На отпочнувањето на градежните работи присуствуваше претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасевски.

Изградбата на затворениот базен во Охрид е едно од децениските барања на жителите на Охрид кое низ годините беше тема на разни политички манипулации и шпекулации. Многумина ветуваа, многумина ќе го градеа овој базен, но реалноста е таа. Нашиот најголем град кој излегува на Охридското Езеро, градот со огромен број пливачи и љубители на водните спортови никогаш во минатото не добил затворен пливачки базен. Таквата реалност конечно се менува. Ние ветивме и за разлика од другите не заборавивме на ветеното. Зборот си е збор и ние држиме до зборот. По тоа сме и препознатливи кај народот, истакна премиерот Никола Груевски

Инвестицијата е вредна 298 милиони денари, или околу пет милиони евра, а треба да заврши за 30 месеци. Објектот ќе има два базени, фитнес клуб, продавница за спортска опрема, комерцијален и административен простор, кафетерија, спа и велнес центар и голем подземен магацински простор. Ќе се гради по стандарди и технологија за градење базенски корита која досега не е применета на ниту еден ваков објект во Македонија, а ќе биде и енергетски ефикасен со инсталирана соларна опрема и геотермални пумпи кои ќе го направат неговото користење во зима поевтино.

– Со овие средства во наредните 30 месеци ќе се гради затворен пливачки комплекс кој ќе опфаќа два базена, од кои еден помал за деца и за обука на непливачи и еден поголем базен со ватарполо димензии. Покрај базените, комплексот ќе располага со трибина со капацитет од 500 седишта, помошни простории за фитнес клуб, спа и велнес центар, простор за пинг-понг, продавница за спортска опрема, ресторан, игротека и комерцијален административен простор, истакна Груевски.

– Во охридскиот регион во изминатиот период инвестиравме над два милиона евра за изградба на спортски објекти, а во наредниот период ќе има многу поголеми инвестиции. Во СЦ „Билјанини извори“ покрај изградбата на базенот го изградивме и опремивме фудбалското игралиште со вештачка трева, а во наредниот период предвидено е да се градат и три тениски терени и три повеќенаменски спортски игралишта, истакна Груевски.

bazen 4 bazen 2 bazen 3