Во рамки на свечената програма за чествување на Патронот на Охрид, Свети Климент Охридски денеска беше промовирана книгата „Охридски драмски писатели“ од Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски. Оваа книга е десеттото издание на едицијата „Охридско книжевно наследство“ која се реализираше со поддршка на Општина Охрид.
Во рамки на промоцијата свое обраќање пред присутните гости имаше претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.
-Во Охридското книжевно наследство драмските дела имаат неоспорно трајни естетски врености. „Охридски драмски писатели“ од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски се надоврзува на претходните книги од оваа едиција и таа го освежува охридското гледалиште со драмските текстови на охриѓани кои биле и останале авангарда на македонскиот, балканскиот и европскиот театар. Богатата македонска драмска традиција го одржа континуитетот на својот развој низ респективен временски период од преродбата со појава на чинот, преку вистинскиот квалитетен почеток врзан со името на Чернодрински, се до денешни дни. Општина Охрид си даде пред себе огромна задача за афирмација на охридското книжевно наследство и тоа доследно го следи, затоа што Охрид и охриѓани го заслужуваат тоа, истакна Божиновски во своето обраќање.
Осврт кон творештвото на охридските драмски писатели, за нивното значење во националната Македонска историја даде промоторот на книгата, проф. д-р Валентина Божиновска. Таа упати честитки до авторите на ова дело, при што истакна дека се додека има вакви дејци кои умеат да се држат кон Македонштината и кон Македонскиот јазик, ние треба да бидеме спокојни, мудри и едноставно да се потпираме на она што го прават.
-Охрид давал дејци и дејци, но ако не ги меморираме тие дејци, ако не се потсетуваме постојано и ако не ги читаме, заборавот и прашината секогаш се тука да навлезат и во нашите сетила но и во книгите кои ги имаме….Лично сметам дека ова е една ретка скапоценост, прво на мислата, на умислата, како се досетија да ги вкоричат, … Оваа решеност е голема и затоа ние треба да ја препознаеме како публика, како конзументи на драмското дело. Секогаш велам дека е добро кога некои од ваквите луѓе ги имаме денес и се дејци на новиот век. Замислете, како се досетиле да го вреднуваат мигот, а тоа се 150 години од раѓањето на Војдан Чернодрински, 110 години од раѓањето на Иван Точко, 150 години од раѓањето на Борис Бојаџиски и 90 години од раѓањето на Живко Чинго, истакна меѓудругото, Божиновска во промотивниот осврт.
Уредникот на ова издание и на едицијата „Охридско книжевно наследство“, Митре Велјаноски упати честитки до авторите и голема благодарност на Општина Охрид, при што го потенцираше значењето на оваа едиција во чувањето на Охридскиот и Македонскиот идентитет.
-Нашата сила, нашето оружје е културата и образованието. И токму со тоа сме и најзначајни и најголеми. И тоа не можат да ни го простат. Не можат да ни го простат Свети Климент, не можат да ни го простат Свети Наум, не можат да ни го простат Охрид, кој е културно светилиште. Едноставно, ние го имаме Светиклиментовиот аманет и таа аура не може никого да остави рамнодушен, рече Велјаноски, кој истакна дека е горд што денес има вакви луѓе кои ја продолжуваат мисијата на Свети Климент.
Авторите на книгата „Охридски драмски писатели“ проф.д-р Димитар Пандев и македонскиот поет Славе Ѓорѓо Димоски, упатија благодарност за поддршката и изразија надеж дека ова дело ќе биде промовирано во повеќе институции од културата и во македонските театри и дека ќе придонесе во зачувување и промовирање на Македонската драмска уметност.
Во изведба на младите талентирани актери од охридското детско-драмско струдио „Цвет 75, во рамки на промоцијата беше изведена сцена од „Благословена земјо Климентова“, од охридскиот драмски писател, Коста Фортомар.
Книгата „Охридски драмски писатели“ е објавена во тираж од 300 примероци, кои беа поделени на библиотеките од културните и образовните институции во Охрид.