Нов ендоскопски апарат за гастро и колоноскопија на Одделението за внатрешни заболувања со пнеумофтизиологија при Општата Болница Охрид

Интерното одделение при Општата Болница Охрид доби нов ендоскопски апарат со кој значително се зголемува квалитетот и прецизноста во однос на изведување на интервенциите дијагностичка и тераписка гастро и колоноскопија. Апаратот е набавен на јавна набавка со средства обезбедени од Фондот за здравстено осигурување на Република Македонија.

“Се обидуваме да согледаме што е потребно каде за да создадеме капацитет, бидејќи скринингот да функционира како што треба ќе треба инфраструктурата да се воспостави. Во Општата Болница Охрид имаме два одлични доктори, значи кадри имаме. Потребно е да се погледне опремата и другите прашања за да се зголеми бројот, посебно на колоноскопии. Гастроскопиите се јавуваат со симптоми и граѓаните почесто доаѓат за гастроскопија отколку колоноскопија, бидејќи дебелото црево е тивко. Ако ќе станат симптомите видливи и јасни, тогаш може да е доцна. Ние ги охрабруваме граѓаните да секој над педесет години, без разлика на симптомите, направи колоноскопија, дури е здрав за да се види каква е состојбата. Ова е еден од чекорите за да создадеме една инфраструктура за повеќе гастроскопи и колоноскопи, бидејќи посебно ракот на дебело црево е сè позначаен проблем во државата. ” изјави Директорот на Фондот за здравство Д-р Сашо Клековски

“Последниот апарат беше стар околу дваесетина години. Често беше во дефект, затоа и бројот на интервенции беше значително мал, незадоволителен за нашиот град, при што нашите граѓани често користеа приватни установи за ваков тип на интервенција, беа подложени на дополнителни материјални трошоци, често патуваа и во други центри надвор од нашиот град, така што оваа набавка има големо значење општо за нашата општина во однос на материјално-економски аспект, посочи в.д. Директорот на ЈЗУ ОБ Охрид Д-р Горан Маркоски.