Во прекрасниот амбиент на црквата Св. Софија вечерва во Охрид се одржа централната манифестација, свечена академија во чест на „Св. Климент Охридски- Патрон на градот Охрид.
Пред бројните гости од дипломатскиот кор,претставници од верските заедници во државава, пратеници во Собранието на Р. Макдонија, советници, градоначалници на збратимени градови со градот Охрид и бројни граѓани, се обрати градоначалникот Кирил Пецаков.
– Среќен нека е овој голем ден – патронот на нашиот богоспасуван град, празникот на Свети Климент Охридски, нашиот Првоучител!Вечерва, под сводовите на овој древен и благословен град – град на светлина, на вода и на дух – градот кој ја чува вековната ризница на нашата духовност, ние сме собрани да го воспееме споменот и подвигот на еден од најсветлите неимари на македонскиот и словенскиот род, нашиот заштитник и духовен Татко.Стоиме овде, на брегот на ова Свето Езеро, каде што времето не се мери со години, туку со милениуми светлина. Охрид не е само географска точка; тој е светилиште, престолнина на духот, каде што трагата на еден титан – патронот наш Свети Климент – е впишана во секој камен, во секоја икона, во самата суштина на Македонија.
Токму вечерва и токму од ова место – нема повозвишено чувство и поисправно место – за да се присетиме на подвигот на богољубецот Свети Климент Охридски, првиот словенски епископ, првиот учител и првиот книжевник на овој свет дел на земјата.Замислете ги само тие далечни денови од деветтиот век. Доба на големи искушенија и превирања, кога нашите предци, дојдени на оваа богојавена земја, беа како диво дрво кое чека да биде облагородено. Но, Господ, во Својата промисла, не нѐ заборави. Преку Светите солунски браќа, Кирил и Методиј, и нивните верни ученици, меѓу кои блескаше и нашиот преблажен Климент, ни ја испрати Светлината на словенската писменост и Православната вера. Свети Климент, неуморен трудољубец, доаѓа во Охридската област. Неговото доаѓање не беше обично, тоа беше Благослов! Ова парче земја, околу нашето Свето Езеро, стана негово ново светилиште, негова богољубива епархија. И тука тој ги поставува темелите на Охридската книжевна школа, што ќе стане Првата словенска духовна и просветна академија во Европа.Под негово раководство, како што запишале житијата, „се обучија над 3.500 ученици во словото Божјо и во писменоста словенска“.И не беше тоа само наука – тоа беше Преобразба. Зошто Климент не ги учеше луѓето само да читаат, туку да разбираат, да чувствуваат, да живеат со Словото.Свети Климент го разгоре факелот на словенството, но не со оган на војни, туку со пламенот на Духот. „Светлината нека не се крие под поклопец, туку да свети на сите што се во домот“ – вели Евангелието.И токму тоа го направи тој: го подигна поклопецот на мракот, и Светлината се разлеа од Охрид по сите словенски земји. Од оваа Света почва никнаа писатели, учители, свештеници, монаси и народни просветители, што ќе го понесат во срцето Словото што Климент го остави. А тоа Слово не беше само азбука, туку пат кон слободата на духот, пат кон самосвеста на еден народ.И денес, во нашево време на забрзаност и заборав, Свети Климент ни зборува од длабочината на вековите: „Не бегајте од Словото, зошто во него е спасението. Не бегајте од коренот, зошто од него живее дрвото.“ Неговите зборови звучат како да се напишани вчера, зошто тој го разбирал човекот во секое време. Кога го создал првиот црковен храм во чест на Свети Пантелејмон, го изградил не само од камен, туку и од вера. И токму таму, во таа Света Охридска лавра, каде што денес повторно се издига храмот, почива телото негово – но духот не почива. Тој и денес живее во секој ученик што ја љуби книгата, во секој учител што со љубов предава, во секој човек што го брани словото и достоинството.Затоа, кога зборуваме за Свети Климент, ние не зборуваме само за минато, туку за вечност. Тој е нишката што го поврзува нашето вчера со нашето утре. Како што рекол Григор Прличев, другиот голем син на Охрид: „Славата на Охрид е во неговите учители, не во неговите ѕидови.“И еве нѐ нас, потомците на тоа Светло дело, стоиме денес на оваа Света земја.
Неговото време беше доба на градење – градење букви, градење цркви, градење народ. Нашето време е доба на одржување и заштита – да го одржиме коренот и да го заштитиме идентитетот што Климент со љубов го создал.Затоа, да ја преточиме неговата мисија во нашата денешна реалност! Да бидеме трудољубиви, светлоносни како него! Да се сакаме и почитуваме еден со друг од срце. Да ја воздигнеме нашата совест и духовност. Во денешниов миг, кога времето бега, а луѓето забораваат, нека ни се врати во умот ликот на овој благороден Христов апостол, кој од ученик стана учител, од монах – светилник, а од човек – Светец. Драги мои, да се присетиме денес, дека оваа земја не живее само од камен, туку од Дух. Да не дозволиме Словото да се олади, ниту верата да ослаби. Да ги чуваме делата на Светиот Климент како што се чува оган во срце – со трепет и љубов. Зошто, ако ја изгубиме духовноста, ќе станеме сенки без дрво, а ако го зачуваме духот Климентов – тогаш, и по илјада години, Охрид ќе свети.Нека ни биде благословен денот на Свети Климент Охридски! Нека неговиот благ дух ја осени оваа земја и секој што со вера ја љуби!Нека одекнува низ вековите неговата тивка, но силна порака: „Со љубов поучувајте, со смирение говорете, со вера творете.“ Нека живее делото на Свети Климент! Нека живее Охрид! И нека свети Македонија – низ Словото, низ Делото, и низ Духот што не се гаси!- рече градоначалникот Пецаков.
На церемонијата традиционално, беа врачени највисоките општински награди и признанија за врвни достигнувања во сите области од општествениот живот кои се од особено значење и имаат посебен придонес во развојот и севкупниот напредок и афирмација на Општина Охрид, Република Македонија и во Светот.
Највисоката општинска награда за животно дело, наградата „Патрон на градот – Свети Климент Охридски“, оваа година, постхумно се додели на истакнатиот охридски новинар, хроничар, публицист Владо Ангеличин –Жура.
Годинава беа доделени пет повелби на: НУ „Завод и Музеј“ Охрид, на охридскиот историчар на уметност, Јорданка Матова, музичкото дуо „Силви Бенд“, продуцентот, режисер и музичар Даниел Јовески и на охридската група „The Backdoor Band“.
Свеченоста беше заокружена со богата културно уметничка програма во која учествуваа еминентни македонски актери, музичари, инструменталисти, солисти и хорови.