Државниот првак по таеквон – до Владимир Димитриевиќ е спортист на годината за 2025 година. Ова беше истакнато на манифестацијата „Спортист на годината“ што вечерва се одржа во големата општинска сала . Наградата му ја врачи градоначалникот Кирил Пецаков посакувајќи да му се множат спортски успеси и него и на останатите 16 добитници на награди.
Во своето обраќање пред присутните градоначалникот Пецаков посочи:
– Во деновите кога ја достигнавме спортската зрелост, кога се радуваме на историската победа на охридските ракометари кои ја издигнаа Македонија на пијадесталот во Европскиот куп во ракомет, организираме уште една голема церемонија посветена на најдобрите спортисти за 2025 година во Охрид.
Вие многу одамна сте разбрале дека спортот има огромно општествено, здравствено и национално значење. Сте израснале со здрави животни навики, несебично и макотрпно вложувајќи го својот дух и тело на спортските терени за името на нашата Света Македонија да биде испишано во најпознатите светски спортски алманаси.
И можеби од вас треба сите ние да учиме, дека само со единство, сложност, ведар дух и чиста мисла може да се дојде до колективен напредок и голем успех, зошто кој мисли само на лична репутација и докажување нема да успее.
„Способноста да се победиш самиот себеси е без сомнеж најзначајната од сите нешта кои спортот ги нуди.“
Карл Луис одамна рекол: „Кога ќе почувствувам дека можам да бидам број еден, немам намера да се задржувам повеќе на истото место“ , а јас одамна знам дека во Охрид се крие голем спортски потенцијал, охриѓани се одлични и вредни спортисти, наши најдобри амбасадори во Светот. Како одговорна локална власт во рамки на можностите максимално се вложуваме и како никогаш до сега субвенционираме и подржуваме спортисти, спортски настани и случувања. Се што се може, а е во наша надлежност за спортот и спортските активности реализираме, меѓу новините е и доедукација за спортски тренери.
Самои за годинава од општинскиот буџет за Спорт и рекреација се предвидени 73.490.000,оо денари.
Јас знам дека само оној кој вистински го сака спортот, како вода и леб како воздухот што го дише може да биде спортист. А тоа го гледам кај вас вечерва спортски асови, најдобри меѓу најдобрите.
Вечерва се поклонуваме пред успесите на спортистите кои покажаа одлични резултати во повеќе спортски дисциплини и категории, таеквондо, ракомет, пливање. Тука се и спортските надежи во индивидуални и колективни спортови,спортските легенди и спортските здруженија. Ви благодарам за секоја ваша несебична жртва, за секој Ваш успех што ни го предадовте како наша огромна гордост – подвлече Пецаков .
Охридската спортска легенда, Здравко Тупаре кој ги ситни деновите од 10-та деценија, доби награда За посебни заслуги во спортот. Огромен е неговиот придонес за развој и напредок на водените спортови пред се веслањето.
Во групата на најдобрите се вброија и: охридските спортски надежи во Индивидуален спорт, Христијан Шибакоски (Таеквон-до) и Теа Донева (Борење), спортските надежи во колективен спорт, Давор Танески (фудбал) и Илија Трајчески (ракомет), Тренер на годината е Саша Попоски (Таеквон-до).
Најдобри спортисти од Охрид кои настапувале во клубови надвор од територијата на Општина Охрид се Марија Дуновска (ракомет) и Девран Куртис (пливање).
Спортска екипа на годината е Градски Ракометен Клуб „Охрид“ – Охрид.
Спортист со најдобар остварен резултат во водените спортови, пливање е Анастасија Цветаноска.
Спортист кој не е од Охрид, а настапува во екипа од Охрид е ракометарот Тилен Стрмљан.
Свои јубилеи од постоењето прославуваат и Меѓународната Илинденска Кајак Кану Регата – Охрид , Кајак Кану Клуб „Стрмец“ – Охрид, Турнир во мал фудбал – Велгошти, Здружение „Велгошка Гордост“ и Клуб за подводни дејности „Охрид“ – Охрид. Меѓу наградените беа и претставниците од Здружение на пензионери на општините Охрид и Дебрца за големите спортски резултати.