СПОРТСКИ ДЕН ВО ВЕЛГОШТИ

По повод 145 години од раѓањето на македонскиот револуционер и великан Тодор Александров, денеска во Велгошти се одржа „Спортски ден“ во организација на ООУ„Живко Чинго“ и Сојузот за училишен спорт.

Во името на Општина Охрид учесниците ги поздрави Катерина Стојаноска, советник во Советот на Општина Охрид.

– Ми претставува особено задоволство што денеска сум дел од оваа спортска манифестација, со која се испраќа силна порака за афирмација на спортските дисциплини и промоција на здравите животни навики.

Од дополнително значење е што овој спортски собир се одржува во чест на 145 години од раѓањето на македонскиот револуционер и великан Тодор Александров и тоа што е дел од една убава спортска приказна во Велгошти.

Општина Охрид како и до сега продолжува да дава голема поддршка во спортот. Континуирано се вложува во подобрување на условите за тренинг, во училишните спортски програми, во спортската инфраструктура и во поддршка на младите таленти. Веруваме дека вложувањето во спортот е вложување во здрави генерации, во дисциплина, во тимски дух и во вистински вредности.

Ваквите настани имаат особено значење, затоа што спортот не е само натпревар, спортот е училиште за животот. Овој спортски ден е можност да се дружите, да создавате пријателства и да ги покажете своите способности во фудбал, баскет, пинг-понг и шах.

Секој од вас што денес е на теренот е победник, затоа што избрал активност и здравје. Секако, најуспешните ќе бидат наградени со пехари и медали, но најголемата награда е искуството и радоста што ги носи спортот.

Драги ученици, продолжете да спортувате, да сонувате и да верувате во себе. Општина Охрид ќе продолжи да биде ваш партнер и поддржувач на секој чекор од вашиот спортски и личен развој.

Во мое лично име и во името на Општина Охрид, ви посакувам успешни натпревари, фер игра и многу насмевки, истакна Стојаноска во своето обраќање.

Во рамки на спортската манифестација беа организирани натпревари во следните дисциплини: фудбал за 6-то и 7-мо одделение; баскет во женска и машка конкуренција, за 8-мо и 9-то одделение; шах за ученици од 1-во до 9-то одделение и пинг-понг за ученици од 6-то до 9-то одделение.