Енергетската криза носи нов бран поскапувања во Македонија

Енергетската криза ги вивна цените нагоре и им зададе нов удар на граѓаните. Најавите се дека во одредени градови во Македонија лебот и белите печива вече поскапеле за најмалку 10 отсто, додека цените на зеленчукот и овошјето на пазарите „горат“ во пресрет на Велигден, оставајќи ги купувачите со сè потенка кошничка.

Поскапувања од 3 до 5 денари
Дел од пекарниците во Штип, Кочани, како и во Прилеп и Битола, најавија зголемување на цената на белиот леб. Лебот од 450 грама, кој досега се продаваше по 35 денари, како и стандардниот леб „тип 500“, ќе достигне цена од 40 денари за векна.

Сечениот бел леб во некои продавници веќе се продава по цена од 40 денари. Претходните најави беа дека стандардниот леб „тип 500 векна“, кој моментално чинеше 30 денари, ќе поскапи за 3 до 5 денари, односно ќе достигне продажна цена од 33 до 35 денари.

Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при СКСМ, во изјава за медиумите вели дека секоја пекара сама одлучува дали ќе ги зголеми цените, поради зголемените трошоци, или ќе ги остави исти.

Платите и пензиите не ги следат трошоците за живот
Во март, со одлука на Владата, пензиите линеарно се зголемија за 1.000 денари, а со законското усогласување платите пораснаа за околу 1.600 денари. Сепак, синдикатите и опозицијата реагираат дека овие зголемувања не се доволни за да ги покријат зголемените трошоци за живот,кои растат од месец во месец.

„Колку треба да поскапи лебот за Христијан Мицкоски да преземе мерки?“, прашуваат од СДСМ, наведувајќи дека премиерот секојдневно изјавува дека Владата ја следи состојбата и дека нема потреба од итни мерки.

„Предупредивме дека растот на цените на нафтата ќе предизвика поскапување на сите основни прехранбени производи. И тоа се случи – поскапува лебот, зејтинот, јајцата, млекото, овошјето и зеленчукот. Поскапувањата се движат од 5 до дури 300 проценти“, велат од СДСМ.

Според нив, граѓаните веќе едвај врзуваат крај со крај, а ниту 600 евра месечно не се доволни за покривање на основните трошоци. Зголемувањето на минималната плата од 1.667 денари, како што велат, нема реална вредност.

DW