ОХРИД МУ ОДДАВА ПОЧИТ НА Д-Р АНАСТАС КОЦАРЕВ

Градоначалникот Кирил Пецаков денеска присуствуваше на свеченостите што во чест на светски познатиот доктор  и патриот, Анастас  Коцарев ги организира Општина Охрид.

Пред родната куќа на Коцарев, градоначалникот Пецаков заедно со внуката Соња Коцарева – Трпезаноска ја открија спомен плочата по што во куќата на Робевци присуствуваа на отворање на спомен катчето посветено на охридскиот големец. Тука беше положен Орденот „Илинден 1903“ што  вчера постхумно, Претседателката Гордана Силјаноска- Давкова го врачи на неговото семејство, а изложени  се  и останати експонати.

Денеска  смејството Коцареви му ја врачи писмената иницијатива на граоначалникот Пецаков со цел плоштадот „Чинар“ да биде преименуван во д-р Анастас Коцарев како и неговото име да биде ставено во Програмата на Општина Охрид за одбележување значајни личности и настани.  

Градоначалникот Пецаков посочи дека на  родната куќа на  д-р Коцарев покрај спомен плочата ќе биде  нацартан и мурал, а општината ќе отпочне и постапка за иницијатива со надеж посмртните останки од париската општина Бонди да бидат пренесени во родниот Охрид.

  Д-р Анастас Коцарев е  роден во Охрид, на 26 март 1890 година. Основно образование завршил во Охрид, гимназија во Солун и Битола, а медицински факултет во Женева. Во Швајцарија останал да работи како асистент, лекар и приватен доцент по онкологија на Универзитетската клиника во Женева. Краток период во 1927 година бил професор по експериментална патологија на Американскиот колеџ по медицина во Истанбул, а во 1928 година се преселил во Франција каде ја запознал својата вереница Сесил Пинел, а во 1931 година го одбранил својот втор докторат на Медицинскиот факултет во Париз.

Со својата научна работа д-р Коцарев  му се посветил на проблемот на дијагностицирањето и лекувањето на ракот со примена на радиум. Ова истражување ќе го насочи кон блиска соработка со познатата нобеловка, Марија Склодовска-Кири која во тоа време била професор и директор на Лабораторијата за радиум на Универзитетот „Сорбона“. Бил еден од пионерите на радиотерапијата и радиографијата и првиот научник во светот кој направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од рак. Има издадено голем број публикации за својата истражувачка работа и радиотерапијата. Соработувал со голем број истакнати научници од неговото време и често бил застапен во тогашниот печат во Европа и во Америка. Неговите истражувања и експериментални третмани се цитираат и денес, а неговите современици со право му предвидувале блескава кариера во медицината.

Покрај неговата професионална преокупација ‒ медицината, д-р Анастас Коцарев во текот на Првата светска војна и по неа, развил жива политичка активност во Швајцарија и се залагал „за единствена и независна држава Македонија“.

Во 1918 година ги обединил македонските друштва од Женева, Цирих и Лозана во едно тело под името Главен совет на македонските друштва во Швајцарија (Conseil général des Sociétés Macédoniennes en Suisse) на кое д-р Коцарев најпрво бил избран за потпретседател, а потоа и за претседател. Во 1919 година, во текот на Версајската мировна конференција во Париз, д-р Коцарев во име на Главниот совет поднесол барање да испрати тричлена делегација која би ги застапувала интересите на македонскиот народ. Неговото барање било одбиено од преговарачите на Конференцијата.

Под неразјаснети околности ненадејно починал на 28 март 1931 година во хотелот во кој живеел во Париз и неговото последно почивалиште се наоѓа на Старите општински гробишта во париската општина Бонди во семејната гробница на почитуваното семејство на неговата вереница, Пинел-Гало.