Првачињата од сите основни училишта од Охрид и Дебрца вчера беа дел од петтото издание на „Охрид трчаТ – Детска трка“, што се одржа на стадионот „Билјанини Извори“.
Настанот има за цел да ги мотивира најмладите да спортуваат, да се дружат и да развиваат физички вештини.
Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, ги поздрави учесниците и истакна дека спортскиот дух се гради уште од најрана возраст, нагласувајќи дека ваквите манифестации имаат големо значење за здравиот развој на децата.
Детската трка се одржа во организација на АК Охрид ТрчаТ. Учеството на трката беше бесплатно, а за сите учесници беа обезбедени маица, финишер медал, вода и пригодни подароци. Трката и оваа година беше поддржана од Општина Охрид и голем број општествено одговорни компании.





