ОДБЕЛЕЖАНИ 300 ГОДИНИ ОД ИЗГРАДБАТА НА СААТ КУЛАТА ВО ОХРИД

На пригоден настан, денеска во Охрид беа одбележани 300 години од изградбата на Саат кулата во Охрид која е симбол на нашето континуирано постоење , на траењето, традициите и соживотот во градот.

Пред присутните се обрати градоначалникот Кирил Пецаков.

 Има градови чија историја се  одбројува низ културно историските знаменитости,  низ каменот и шепотот  на езерските  бранови. И ако одбројуваме три века наназад веројатно ќе ќе ги пресретнеме градителите на Саат кулата во Охрид , еден од најрепрезентативните  споменици на сите времиња.

Саат кулата  не ги мери само часовите и минутите , таа го мери континуитетот  на нашето постоење на овие простори  и е симбол на траењето, на традицијата и на соживотот во нашиов град.  

Токму затоа сум исклучително горд и благодарен  за  организирањето на овој  настан по повод 300 години од нејзиното подигнување.

Оваа  кула не била изградена само за да покажува часови. Во времето кога се појавува, таа претставувала револуција во секојдневниот живот. Занаетчиите во чаршијата , трговците, рибарите и патниците намерници  за прв пат добиле заеднички ритам. Саат кулата  го  организирала денот , го означувала почетокот и крајот на пазарниот ден и станала синоним за точност , ред и деловен дух.

Таа е редок и фасцинантен пример за отоманската архитектура  на овие простори. Погледнете ја нејзината структутра, долниот дел изграден од масивен , цврст кршен камен , ја симболизира постојаноста и издржливоста  на овој град низ вековите.

Горниот, дрвен дел каде што гордо  одбројува часовникот ја претставува часовничката креативност и адаптација . Нејзината силуета, која совршено се вклопува во панорамата на стариот град  е визуелен потсетник  дека во Охрид секоја епоха оставила свој препознатлив печат. Саат кулата е споменик на културниот континуитет, симбол на заедништвото  и незаобиколен дел од автентичниот  визуелен идентитет кој го привлекува светот во Охрид.

Културното наследство  не е нешто што треба само пасивно да го набљудуваме . Тоа е аманет. Саат кулата не потсетува дека времето тече , но и дека вредностите што ги создаваме мора да траат . Наша должност како генерација е да го чуваме овој споменик , да ја раскажуваме неговта приказна на младите и да овозможиме таа и понатака да го мери пулсот на  вечниот Охрид. Доедека чука саатот на кулата, чука и автентичниот дух на Охрид– подвлече градоналаникот Пецаков.

 На случувањето беше прикажан филмот „300 Години Саат кула“ од новинарот, публицист  и продуцент Горан Момироски.  

Општина Охрид е поддржувач на настанот, а организатор е Лајонс клуб „Лихнидос“ од Охрид. Идејата за случувањето е на  историчарот и хроничар Никола Митровиќ – Бабе.