ЧАЛГИСКИ ЗВУЦИ“ ВО ЧЕСТ НА САДИЛО

Под покровителство на Општина Охрид, а во организација на Здружението за уметност и култура  „Арт Вивенди“ синоќа во предворјето на црквата Св. Софија се одржа манифестацијата „Чалгиски звуци”, посветена на легендарниот охридски виолинист и трубадур Климе Садило.

Годинава манифестацијата се одржа во знакот на два значајни јубилеи – 145 години од раѓањето на Климе Садило и 120 години од постоењето на такамот на Садиловци, симбол на охридската музичка традиција и автентичниот градски мелос.

Пред присутните  се обрати Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски  кој истакна дека кога ќе се спомене Охрид, покрај бисерот, езерото и вековните цркви, неизбежно се слуша и звукот на виолината што одекнувала низ калдрмисаните сокачиња, низ охридската чаршија и покрај езерскиот брег. Беше нагласено дека Климе Садило не бил само извонреден виолинист, туку чувар на охридскиот дух, човек кој преку музиката ги раскажувал приказните на градот и неговите жители. Оддавајќи му почит на Климе Садило и на Садиловци, беше истакнато дека се оддава почит и на едно време кога песната ги собирала луѓето околу софрата, кога серенадите се пееле под прозорците и кога секој празник имал свој препознатлив музички печат.

Во име на организаторот, Здружението за уметност и култура „Арт Вивенди”, се обрати академскиот музичар Ѓоко Алоски, кој потенцираше дека „Чалгиски звуци” претставува повеќе од концертна вечер – тоа е мисија за зачувување на охридската староградска песна и македонската чалгија како непроценливо културно наследство. Тој истакна дека делото на Климе Садило и богатото наследство на Садиловци остануваат трајна инспирација за сите генерации музичари и љубители на традиционалната музика.

Посебен белег на вечерта даде настапот на Универзитетскиот ансамбл „Македонија” при Универзитетот „Гоце Делчев” од Штип, под раководство на проф. д-р Владимир Јаневски. Ансамблот пред бројната публика изведе 40-минутна програма составена од бисери на македонската чалгиска музика, потврдувајќи ја својата улога како еден од најзначајните чувари и промотори на македонското музичко наследство. Со особен пиетет беше изведен и специјално подготвениот музички сплет посветен на Климе Садило, како музички омаж на неговото дело и неговиот немерлив придонес во македонската култура.

Содржините од културната манифестација за Садило беа потврда за негување на традицијата којашто  не е минато, туку живо наследство кое нè обединува, нè прави препознатливи и нè учи да бидеме горди на тоа кои сме. Со настанот  Охрид уште еднаш покажа дека знае да ги почитува своите великани и да го негува богатото културно наследство што со векови го прави препознатлив.