Марјан Патлиџанковски е автор на расказот „Службен пат до Тирана“, под шифра „Патникот“ кој беше избран за најдобар на годинешниот конкурс „Живко Чинго“.
Д-р Марјан Патлиџанковски е роден на 22 мај 1973 година во Скопје. Дипломирал, магистрирал и докторирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на групата за Македонска и јужнословенска книжевност.
Во „Современост“, во броевите 5 од 2004, 2 од 2005 и 4 од 2005 година ги објавил текстовите: „Митолошко-фантастични елементи во ’Тврдоглави‘ и ’Миракули на грозомората‘ од Славко Јаневски“; „Фолклорни демонски суштества“; и „Херменевтичка анализа на песната ’Чедоморка‘ од Славко Јаневски“.
Во 2019 година го издал својот прв научен труд „Иницијацијата (пубертетска и херојска) во македонската народна епска поезија“, а во 2020 година го објавил и вториот научен труд „Средновековното македонско скрипторско наследство“.
Во 2023 година ја добил втората награда за краток расказ на конкурсот „Раскажувам фотографија“ што го објавува Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија. Истата година доделена му е Благодарница за успешна соработка од НУ „Спомен куќа на Мајка Тереза“ и објавен му е краткиот расказ „Аурата на Саанви“ на македонски и во превод на албански јазик, во Збирката раскази од литературниот конкурс. Во 2024 година ја добил меѓународната награда за критика и книжевна историја „Книжевен круг“ доделена на XIII меѓународна манифестација „Битолски книжевни паметења“ 2024.
Во декември 2024 година го објавил својот прв роман за деца со илустрации „Едно лето на Никола“. Во мај 2025 година ја објавил својата прва збирка раскази „Езерград“, скопски приказни. За 2025 година ја добива наградата на Град Скопје „13 Ноември“ за публицистика за изданијата „Едно лето на Никола“ и „Езерград“.
Комисијата во состав: проф. д-р Димитар Пандев, претседател, Славе Ѓорѓо Димоски, член и проф. д-р Иван Џепароски, член, во својот извештај од изборот за најдобар расказ истакна:
„Најдобриот расказ „Службен пат до Тирана“ восхитува, но и изненадува со антрополошко-етичкиот пристап, ретко присутен во најновата македонска литература, со ведрата емпатија кон туѓото и кон своето, како и со хуморната димензија што проблеснува од секој параграф, со оригиналноста и современоста на темата, како и со беспрекорно чистиот јазичен израз.“
На годинешниот конкурс пристигнаа вкупно 24 раскази.
Наградата на авторот ќе му биде врачена на традиционалната манифестација „Вечер на Живко Чинго“, која ќе се одржи на 13 август во село Велгошти.





