Марта Кос: Уставните измени се услов за ЕУ

Еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за бугарската национална телевизија БНТ изјави дека Северна Македонија треба да ги спроведе уставните измени и да ги внесе Бугарите во Уставот за да продолжи евроинтегративниот процес и да напредува на патот кон Европската Унија.

Одговарајќи на прашање како Европската комисија може да влијае врз Скопје да ги направи уставните измени, Кос порача дека верува оти со новата бугарска влада ќе се најде начин процесот со Северна Македонија да продолжи.

„Тоа е многу добро прашање и би била многу среќна доколку го искористиме овој момент на проширување и за Северна Македонија. Имам доверба во новата бугарска влада, со која одлично соработувам. Заедно ќе најдеме начин да го придвижиме процесот напред со Северна Македонија. Се разбира, Владата на Северна Македонија мора да го исполни своето ветување. Таа треба да го измени својот Устав, што беше договорено меѓу Северна Македонија и 27-те земји членки на Европската Унија. Откако тоа ќе се реализира, ќе сметам на поддршката од вашата земја за да продолжиме напред и со Северна Македонија“, изјави Кос.

Проширувањето останува приоритет на ЕУ
Марта Кос во интервјуто за БНТ зборуваше и за политиката на проширување на ЕУ, оценувајќи дека претстојниот период ќе биде значаен за земјите кандидати.

„Оваа есен ќе биде есен на проширувањето. Многу ми е драго што го интензивираме процесот. Подготвуваме патокази за земјите што се најнапред во преговорите. Црна Гора е најблиску до пристапување, а за Албанија, Молдавија и Украина ќе претставиме патокази во кои ќе бидат наведени сите технички чекори што треба да се преземат до крајот на нашиот мандат“, рече Кос.

Таа нагласи дека паралелно со поддршката за земјите кандидати, Европската комисија работи и на подготовка на земјите членки за ново проширување.

„Не можеме да примиме нови членки без поддршка од сите земји членки и од нивните граѓани. Со години немаше проширување на ЕУ. Последната земја што се приклучи беше Хрватска во 2013 година. Сега имаме две држави од Западен Балкан кои се најнапред на патот кон членство. Тоа може да биде поттик и за другите држави, како Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово, да се движат напред“, изјави еврокомесарката.

DW