Погребалното претпријатие „Мирен сон“ го обвини јавното претпријатие „Градски гробишта“ за немање струја во градската капела , директорот Зоран Симоноски ги отфрла овие обвинувања , оценувајќи ги како лаги и манипулации.
Околу немањето на греење во градската капела, Симоноски вели дека не е проблем да се стават грејни тела, но потенцира дека во тие простории не е пожелна висока температура и дека барањето е неиздржано со оглед на тоа дека просториите се постојано отворени. Во однос на поплаките дека нема минимални услови во просториите каде се врши подготовка на покојните лица, првиот човек на јавното претпријатие тврди дека откако е тој директор, вработен е и хигиеничар кој секојдневно ги чисти наведените простории и дека постојано се врши дезинсекција, дератизација и дезинфекција од страна на екипи од Центарот за јавно здравје.
Симоноски и понатаму тврди дека потребите за тоалети во рамки на градските гробишта се задоволени.
– Располагаме со два тоалети наменети за граѓани, посочени со патокази. Едниот кој е за администрацијата никогаш не сме забранале да го користат и граѓаните, а другиот тоалет е во ресторанот. Дали е доволно или не не невлегувам. Но со проширувањето на гробиштата со нови парцели ќе направиме напори и ќе изградиме и нови тоалети, вели Симоноски. За забелешките околу отворениот простор на кој се врши опелото, директорот вели дека на операторот не му се наложува самиот чин на опелото да се врши надвор и дека ако е ладно, чинот може да врши и внатре.
Симоноски со заклучок дека обвинувањата од „Мирен сон“ се резултат на преземените мерки за воспоставување на ред во хаосот кој бил затекнат во 2013. По изминати 4 години од преземањето на раководството, а дури откако беа искажани обвинувањата и барањата од „Мирен сон“, Симоноски на денешната прес конференција ги изнесе, како што вели, вистинските причини поради кои биле напаѓани од погребалното претпријатие.