Охрид доби уреден мини пазар, сместен на улица „Сирма Војвода“ во непосредна близина на Општата Болница. Во новото катче, пазарџиите ги посети градоначалникот Јован Стојаноски кој им посака успешна и бериќетна работа.
Според градоначалникот станува збор за неопходен проект затоа што тука се сместени пазарџиите кои досега продаваа на диво на тротоарот на ул. „Јане Сандански“ кои сега ќе ја реализираат својата дејност на соодветно уреден и чист простор.
- -Станува збор за компромисно решение, луѓето продолжуваат да си ги остваруваат своите приходи, а во исто време се придржуваме на една законска рамка која треба да ја има ЈП „Градски Пазар“. Тука пазарџиите продаваат легално на соодветно место во добри хигиенски услови. Овој дел од градот веќе е доста населен и имаше потреба од регулирано и уредно продавање на земјоделски производи- рече градоначалникот Стојаноски.
Мини пазарот функционира во рамки на ЈП „Градски Пазар“ и за пазарџиите важат истите права и обврски како и за нивните продавачите на охридскиот зелен пазар.
- -Ова пазарче е основано со цел да ги задоволи потребите на купувачите на овој дел од градот, а истовремено овој простор стана катче за продавачите кои досега својата дејност ја реализираа на диво. Тука пазарџиите ги имаат сите потребни услови за нормално работење. Воедно упатувам благодарност до Градоначалникот Стојаноски и општината затоа што максимално ни дадоа поддршка во реализација на овој проект. Од нив добивме поддршка во однос на изборот на локацијата како и одредени средства кои ни беа потребни. Секако пазарчето го уредувавме и со средства со кои располага ЈП „Градски пазар“ без дополнителни трошоци- рече директорката на ЈП „Градски пазар“, Кристина Крлеска – Деспотоска.
На мини пазарот кај Општата Болница се сместени 15 големи и 12 мали тезги.