Охрид не може да смета на приходите од туристичката сезона за поплнување на јавниот долг, како една од најзадолжените општини, затоа што финансиите ги добива од даноците и други придонеси, истакна во интервју за 1тв градоначалникот на Охрид проф. д-р Јован Стојановски.
Тој напомена дека сепак, очекува побогата туристичка сезона, со повеќе странски и домашни гости, како тренд од претходните години.
– Изминатите години расте бројот на домашните посетители, но анализирано од претходните туристички движења, платежната способност или потрошувачката на туристите коишто доаѓаат во Охрид се намалува. Туристот којшто доаѓа троши се помалку и помалку во Охрид. Тоа е лошо и на тоа треба да се работи во наредните години, истакна градоначалникот.
Тој најави дека, како и секоја година, иако е најзадолжена, општината во рамките на можностите ќе издвои средства за подобрување на туристичката понуда, правејќи баланс со барањата на ревизорите да се штеди и очекувањата на граѓаните да се завршат веќе платените инфраструктурни проекти.
За мораториумот за градба што го бараат еколошките организации, Стојановски вели дека тој практично е во сила, затоа што донесувањето на урбанистичките планови оди бавно или воопшто.
– Мораториумот е тешка одлука на којашто не знам колку општина Охрид, а дури и централната власт може да се одлучи во овој момент затоа што мораториумот би го спречил процесот на урбанизација и развој кој е потребен во Охрид, а општините во најголем дел живеат од тие надоместоци за уредување на градежното земјиште. Од друга страна, неконтролираната урбанизација води до она до коешто сме стигнати денеска, можноста да го изгубиме статусот на град заштитен од УНЕСКО,објасни Стојановски.
Тој најави период на балансирано планирање и носење на урбанистички планови, но во рамките на умерен развој на градот Охрид, пред се во селските и руралните средини и крајбрежниот појас, за да се спречи појавата на дивоградби.