На градскиот плоштад „ Св. Климент Охридски“ , денеска се одржа отворен ден во рамките на Националната кампања „ На секое дете му треба семејство“, проект кој заеднички го организираат Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ. На презентацијата на кампањата се обрати претседателката на Советот на општина Охрид Живка Ангелоска.
-Овде од пред споменикот на „Св. Климент Охридски“ , во духот на неговата светски призната школа на хуманизмот, Ве поканувам да се вклучиме во оваа кампања и да придонесеме децата без родителска грижа, да бидат згрижени и да растат безбедно и во семејство опкружено со љубов.
Целта на оваа кампања е преку деинституционализација, до 2020 година сите деца на возраст од 0 до 3 години да ги извлечеме од институциите и да ги сместиме во мали групни домови, згрижувачки семејства и други форми на соодветно сместување.Предноста на вдомувањето на децата без родителска грижа во семејства ја потврдуваат и науката и практиката. Според едно истражување спроведено во 33 европски држави, вдомувањето на децата во згрижувачки семејства е неколкупати поефтино во споредба со сместување во соодветни институции, а ефектите се многу поголеми зошто децата растат во здрави семејни услови.Децата, неколку години по раѓањето, како што велат стручњаците, се потполно беспомошни, зошто не знаат да зборуваат и да кажат што им е. Затоа им е потребна нега и семејна грижа. Потребна им е позитивна атмосфера и енергија која ќе ја препознаваат и чувствуваат.Сите тие ефекти можат да бидат поголеми во згрижувачките семејства од колку во големите специјализирани институции.
Локалната самоуправа целосно и енергично се вклучува во оваа кампања и во рамките на своите надлежности и можности ќе ја помага. Со анимација на нашите граѓани ќе се ангажираме за мобилизирање на доволен број згрижувачки семејства кои имаат доволно љубов за споделување со децата кои ја немаат.Тоа ќе го правиме мотивирани од мислата на славниот Достоевски кој рекол дека „ сите идеали на светот не вредат колку солзите на едно дете“ рече Ангелоска.
На презентацијата се обратија и претставници на Министерството за труд и социјална политика,УНИЦЕФ и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа од Охрид.