ЗАПОЧНА СЕДМОТО ИЗДАНИЕ НА КУЛТУРНО – ЗАБАВНОТО ЛЕТО „НА ЗАЈДИСОНЦЕ“

Синоќа во Трпејца, македонското Сен Тропе со изложбата на слики од Свето Стефаноски и настапот на брачното дуо ДИС во присуство на голем број посетители во една летна опуштена атмосфера започна седмото издание на културно – забавното лето „На зајдисонце“.

Во името на покровителот на манифестацијата Општина Охрид кој е нејзин поддржувач од самиот почеток пред трпејчани и бројните гости меѓу кои и пратеничката во македонскиот парламент Жаклина Лазареска летото за отворено го прогласи претседателката на Советот на општина Охрид Живка Ангелоска:

-Трпејца е  божествено место лоцирано меѓу пазувите на планината Галичица и Охридското Езеро . Само овде на чудесен начин во бистрите води на езерото се прекршуваат изгрејсонцата и зајдисонцата и создаваат чувство на спокој, уживање и ширење на позитивна енергија. Прекрасниот амбиент на Трпејца се надополнува со содржините на манифестацијата „На зајдисонце “.И за мештаните и за туристите тоа е хармонична поврзаност која создава нова димензија на аткивен  летен одмор  карактеристичен за малите, но познати светски туристички места, рече Ангелоска.

На  позната сцена „кај Бунарот“ беше отворена изложба на  мал дел од богата ликовна палета од експресивни моменти,  создадени со силен естетски и душевен порив, од страна на уметникот Свето Стефаноски.  Тој е  новинар, публицист, екологист и ликовен  уметник кој живее на релацијата Скопје – Охрид а неговите слики досега биле изложувани на повеќе групни и самостојни претставувања во и надвор од Македонија.

Чинот на отворањето на седмото „На зајдисонце“ во Трпејца кое годинава е финансиски помогнато и од Министерството за култура со свој музичко – артистички настап го збогатија и заокружија Стеафни Стефановска и Денис Мурат – споени во дуото ДИС и од неодамна брачна двојка . Тие како што најчесто се вели за прекрасните изведби на грст македонски забавни евергрини од публиката добија овации на отворена сцена .

Стефани и Денис скопско – охридската двојка ветија и дека догодина ќе дојдат во Трпејца со нов репертоар и сопствени нумети кои забрзано ги работат и наскоро ќе бидат пуштени во етерот.

Вечерва „На зајдисонце во 20 часот во Трпејца следи атрактивната променада „Со кајче по езерото“ на која деца – млади музичари од ОМУ „Методи Патче“ же музицираат во кајчина а публиката ќе ги слуша и гледа од брегот и неколкуте кафеани. Мал музички перформас младите виртуози ќе имаат и на традиционалната сцена а потоа ќе биде отворена изложбата ЗАЕДНО која е дел од проектот на здружението „За Трпејца со љубов“ и „Интелектуална жена“ од Поградец – Албанија. Се работи за фотографии од природните убавини но и на показ е негрижата на човекот на двете страни од езерото.

Утре, недела во 11 часот е традиционалната кајакарска регата „Номче Митрески“ а вечерта ќе се претстават учениците од подрачно ОУ „Св. Наум Охридски“ од Трпејца со проектот И НИЕ МОЖЕМЕ а веднаш потоа по традиција ќе следи  презентацијата  на невладината ОПЦИЈА од Охрид под наслов: ИНФОРМАЦИЈАТА Е НАЈДОБРА ПРЕВЕНЦИЈА.