Почитувани сограѓани,
Во новата 2019 година, влегуваме со цврста определба и верба дека сите заедно ќе работиме за подобар живот и подобро утре за Охрид. Во годинава што е зад нас, го изгубивме својот градоначалник, но не ја изгубивме неговата визија и неговите соништа за европски, модерен и развиен Охрид. Ветуваме дека со упорна и посветена работа Охрид ќе го направиме убаво место за живеење, развиен културен и економски центар и светски позната туристичка дестинација.
Во 2018 година е интензивиран процесот за финансиска консолидација на Општина Охрид и со помош на Владата на Република Македонија, во 2019 година Локалната самоуправа ќе се раздолжи за 495.000.000,оо денари. Ги консолидиравме јавните претпријатија и реализиравме голем број инфраструктурни зафати. Во 2019 година, во првиот квартал ќе биде решен деценискиот проблем со блокираната сметка на ОУ „ Григор Прличев“ , а во соработка со УНДП ќе се решава и проблемот со реката „ Сатеска“ . Воспоставена е соработка со научно- истражувачки институции кои работат на проекти за животната средина и културното наследство и систематски се подобрува амбиентот за привлекување странски инвестиции.
Планираните проекти за новата 2019 година се нов предизвик и цврсто сме уверени дека ќе ги реализираме. Во соработка со Агенцијата за државни патишта ќе се реконструира Булеварот „Туристичка“ , ОУ „ Св. Климент Охридски“ ќе биде енергетски ефикасно училиште, а ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ ќе добие нова спортска сала. Градскиот стадион во соработка со ФФМ ќе добие нова трибина, проект вреден над милион евра.Ова се само дел од планираните проекти, за кои се заокружени законски предвидените постапки и тие можат брзо да почнат да се реализираат.
Во Новата година посакувам, се што сме планирале да го реализираме, да имаме енергија и истрајност за да ја оправдаме довербата што сте ни ја дале.
Почитувани сограѓани,
Нека ни е честита и бериќетна Новата 2019 година. Ви посакувам , многу здравје, радост, среќа, љубов и добра мисла.