НА ГРАДСКИОТ ПЛОШТАД СЕ ОДРЖА ТРАДИЦИОНАЛНАТА БАДНИКОВА ПОВОРКА

Со песната ,,Вечниот Бог” и поздравот ,, Христос се роди- Вистина се роди”, денеска, на градскиот плоштад ,,Св.Климент Охридски”, пристигнаа околу петстотини дечиња, учесници во шестата по ред Бадникова поворка. На плоштадот , учесниците на литијата , добија Божиќни подароци од вршителот на должноста градоначалник Константин Георгиески, претседателката на Советот на општина Охрид Живка Ангелоска, членовите на Советот, директорите на јавните претпријатија и градоначалникот на Општина Дебарца Зоран Ногачески.

-Ви го честитам утрешниот најрадосен христијански православен празник, Христово раѓање- Божиќ. Ви посакувам, со отворено срце , полно со љубов и меѓусебно разбирање, да го прославиме овој голем празник, во кругот на семејствата и најблиските. Божиќ нека ни биде бериќетен и вековит. Мир Божји, Христос се роди. Среќен Божиќ- рече в.д градоначалникот Георгиески.

Бадниковата поворка , започна од црквата ,,Св.Ѓеорги” во Горна Влашка Маала, а до нејзиното пристигнување на градскиот плоштад , со своја програма настапи детскиот хор ,, Бисери” од Центарот за култура ,,Григор Прличев”.