ОДРЖАНА 23-та СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ОХРИД

Денешната 23 седница на Советот на Општина Охрид, започна со дополнување на дневниот ред со три точки. Првите две се однесуваа на предлог одлуката за измена и дополнување на одлуката за утврдување на вредноста на бодот за платите на државните службеници и предлог одлука за давање на користење на недвижен имот од Општина Охрид на ЈП “Билјанини извори“. Третата точка, предлог на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, се однесуваше на проблемите кои настанаа при исплата на штетите од земјотресите во 2017 година и предлог мерки за нивно надминување.

Точките беа прифатени од советниците, а во однос на третата точка в.д. градоначалникот Константин Георгиески, ги информира советниците за преземените активности на општинската администрација, а со  одредени корекции советниците ги  прифатија и предлог заклучоците во однос на истата.

Советниците донесоа одлука за усвојување на иницијативата за развивање на трет локален еколошки план (ЛЕАП) и формирање на Управен комитет за ЛЕАП за подрачјето на Општина Охрид.

Во продолжение на седницата, беа донесени повеќе одлуки кои се однесуваа на работата на јавните препријатија, како и одлука за разрешување и именување на членови на Училишниот одбор на СОСУ “Св.Кирил и Методиј“.

На денешното заседание на општинскиот совет, беше донесена годишната програма за поставување на урбана опрема и висината за надоместок. Од урбанистичката сфера беа изгласани тринаесет одлуки за донесување на урбанистичко – планска документација, за вклопување на бесправно изградени објекти на територијата на Општина Охрид.